
Оптимизацијата на училишната мрежа во Македонија ќе се спроведува постепено, во разговор со родителите и општините и без насилни чекори, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, објаснувајќи го процесот на реорганизација на паралелките и припојување на малите училишта кон поголемите образовни центри.

Јаневска ги отфрли стравувањата дека оптимизацијата ќе значи долго патување за најмалите ученици. Според неа, децата кои живеат во населени места значително оддалечени од друго училиште ќе продолжат да посетуваат настава во својата средина, дури и кога станува збор за само едно дете.
Припојување на помалите кон поголемите училишта, како што објасни министерката, се предвидува само во средини каде што централното училиште се наоѓа на релативно мала оддалеченост – од околу 2,5 до три километри.
Една од главните причини за оптимизацијата, според Јаневска, е потребата учениците да имаат подобри услови за социјализација и учење во поголеми групи.
„Постојат научни докази дека за децата е многу подобро да учат во поголеми групи наместо да останат изолирани. Преку социјализацијата тие развиваат меки вештини, учат да комуницираат, да решаваат проблеми и да се натпреваруваат во знаење. Токму изобличеноста и малите паралелки се една од причините за лошите резултати на меѓународните и домашните тестирања“, истакна министерката.
Според неа, целта на процесот не е едноставно затворање на училиштата, туку реорганизација на училишната мрежа со која учениците, онаму каде што условите го дозволуваат тоа, ќе бидат вклучени во поголеми групи и образовни средини.
Оптимизацијата веќе започна оваа учебна година и ги опфаќа прво и шесто одделение во основното образование, како и прва година во средните училишта.
Планот на Министерството за образование и наука е целиот процес да биде спроведен постепено во следните четири до пет години.
Реформата, според најавите на Јаневска, треба да се одвива паралелно и со природниот одлив на наставниот кадар, со што промените во училишната мрежа би се спроведувале етапно.


