Утрински Весник
Македонија

Скопјанец фрлил мачиња, доби казна од 550 евра – Го откриле преку табличките на автомобилот

Screenshot 2026 08 12 171244.jpg

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја изрече првата глоба за напуштање новородени животни во Македонија. Скопјанец кој оставил легло со мали мачиња во парк во близина на трговски центар е казнет со 550 евра во денарска противвредност.

Случајот бил откриен благодарение на граѓанин кој го забележал напуштањето на животните и го пријавил до ЈП „Лајка“. Тој доставил и фотографии и видеоснимки со кои било документирано оставањето на мачињата.

По добиената пријава, официјален ветеринар на АХВ извршил вонредна инспекциска контрола. За да се утврди идентитетот на лицето кое ги донело и ги оставило животните, биле побарани податоци од Министерството за внатрешни работи.

Сторителот бил идентификуван преку регистарските таблички на возилото со кое мачињата биле донесени на локацијата.

На скопјанецот му е изречена глоба од 550 евра во денарска противвредност, согласно член 26 од Законот за заштита и благосостојба на животните и член 59 од Законот за ветеринарно здравство.

Од АХВ нагласуваат дека пријавите од граѓаните се од особено значење за откривање и санкционирање на ваквите случаи. Апелираат секој што ќе забележи напуштање животни да го пријави случајот и, доколку е во можност, да обезбеди фотографии, видеоснимки или други докази.

Напуштањето животни може да се пријави на бесплатната телефонска линија 0800 3 2222, која е достапна 24 часа дневно, како и преку електронска пошта.

Можете да прочитате

Левица: Македонците плаќаат повеќе од двојно повисок мрежен трошок за струјата отколку во 2020 година

12 уапсени возачи во последното деноноќие

Малолетник пиел алкохол во локал во Кичево, па завршил во болница