
Вредноста на синдикалната минимална кошница што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за декември годинава изнесува 65.492 денари, што е за 319 денари повеќе во однос на минималната кошница за ноември, која изнесуваше 65.173 денари. ССМ денеска информираше дека со изнајмен стан од 60 метри квадратни за декември синдикалната минимална кошница изнесува 80.867 денари.
Според пресметките на ССМ, во декември за храна и пијалаци се потребни 23.640 денари, за образование 7.159 денари, за станарина, вода, електрична енергија и греење 6.130 денари, облека и обувки 5.875 денари, транспорт 4.636 денари, ресторани и хотели 4.131 денар, комуникации 3.417 денари, лична хигиена и одржување на хигиена во домот 2.620 денари. Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, на 17-ти месецов најави дека од 1 јануари, освен што синдикатите ќе ја пресметуваат минималната потрошувачка кошничка, и Владата ќе пресметува просечна потрошувачка кошничка за најмалку четиричлено семејство. На оваа тема ќе се разговара на Економско–социјалниот совет, закажан на 22 декември (понеделник).
– Ќе бидат земени параметри од најголемите маркети во Македонија, ќе бидат земени параметри од страна на основните прехранбени производи, за се она што е потребно за еден просечен живот, за едно просечно македонско семејство. Исто така ќе бидат земени и од различни региони и најчесто овошјето и зеленчукот ќе биде земен она коешто е карактеристично за периодот, кога се пресметува во текот на годината, изјави Ристески.



