Утрински Весник
Свет

Силно невреме во Германија, загина една жена

Nevreme369.jpg

Една жена почина, а друга е сериозно повредена откако дрво падна врз нив за време на силни бури што предизвикаа големи штети во делови од Германија во текот на ноќта, соопшти полицијата.

Двете жени, на возраст од 58 и 47 години, шетале заедно во Валдорф, во западната покраина Рајнска област-Пфалц, околу 50 километри јужно од Келн. Како што се приближувала бурата, тие побарале засолниште под летниковец.

Бурата откорнала дрво во близина и го соборила, удирајќи ги двете жени. Постарата жена, 58-годишна, починала на самото место, изјави портпаролот на полицијата, додека 47-годишната жена била однесена во болница со тешки повреди.

Невремето оштети десетици куќи и собори дрвја во делови од западна и централна Германија.

Околу 60 куќи беа оштетени во Вецлар, во покраината Хесен, соопшти противпожарната служба, додека неколку куќи во блискиот Солмс повеќе не се погодни за живеење. Полицијата соопшти дека штетата можеби ја предизвикало торнадо.

Вонредни временски услови беа пријавени и во покраините Тирингија, Бранденбург и Баварија. Полицијата во Баварија соопшти дека паднатите дрвја оштетиле неколку возила, но нема повредени.

Можете да прочитате

Авион и полициски хеликоптер се судрија во САД, едно лице загинало

Во Германија се признаваат се повеќе странски квалификации

Венецуела половина од произведената нафта ја испорачува во САД