
Северна Македонија беше домаќин на дводневната Регионална министерска конференција – „Предводење на промените: Патеки кон демографска отпорност согласно потребите на луѓето”, во организација на Министерството за социјална политика, демографија и млади на Северна Македонија, во партнерство со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).

Скопје обедини министри, високи владини претставници, меѓународни експерти од околу 30 земји, како и претставници на ООН, Совет на Европа, Европска банка за обнова и развој и други меѓународни организации.
Централниот фокус на конференцијата беше развивање заеднички одговори на длабоките демографски трансформации кои го обликуваат регионот на Источна Европа и Централна Азија.
Поддршка и придонес на конференцијата даде и Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, кој официјално ја отвори конференцијата на вториот ден и изнесе силни пораки за посветеноста на државата во градењето на демографската отпорност.
„Нашиот пристап треба да биде насочен кон целосно искористување на потенцијалот на населението, преку инвестирање во човечкиот капитал, создавање реални можности за младите, зајакнување на улогата на жените и гарантирање на достоинствени услови за сите категории на општеството. Демографијата во суштина претставува прашање на доверба во иднината”, порача Гаши.
Пио Смит, Помошникот генерален секретар и заменик-извршен директор – УНФПА, истакна:
„Императивот на оваа конференција е јасен: мораме да дејствуваме сега за сегашните и идните генерации. Да ја претвориме нашата заедничка визија за демографски отпорна иднина во конкретни, применливи политики за одржлива економска и социјална благосостојба”.
На една од панел дискусиите зборуваше и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој се осврна на подготовката на стратешки документ за дијаспората.
„Македонија подготвува Национална стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030. Стратегијата се базира на слушање на дијаспората и се фокусира на области како конзуларни и социјални услуги, образование, култура, туризам, економска соработка и инвестиции. Улогата на дигиталната трансформација во оваа соработка е јасна: мора да ја направиме државата достапна од каде и да живеат нашите граѓани”, рече Андоновски.
Завршни зборови на дводневната регионална конференција дад се министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани кој изрази голема благодарност до сите учесници кои дадоа свој придонес и подршка на настанот, како и организациските тимови кои со својата професионалност овозможија оваа конференција да се реализира.
„Во изминатите два дена потврдивме дека, и покрај нашите различности, сите нè обединува заедничката цел – градење демографски отпорни општества. Демографските промени не се предизвик на една држава, туку заедничка одговорност која бара долгорочни, координирани и инклузивни политики. Заедничкиот заклучок е јасен: во центарот на сите политики мора да бидат луѓето, нивните права, достоинство и можности. Убеден сум дека оваа конференција не е крај на разговорот, туку почеток на уште посилна регионална соработка. Северна Македонија останува посветен партнер во овој процес и подготвена активно да придонесува во иницијативите што ќе помогнат во справувањето со демографските предизвици и градењето демографска отпорност,” заклучи Лимани.
Регионалната конференција која се одржа во Скопје претставуваше платформа каде што учесниците дискутираа за патоказот на политики потребен за градење силни, инклузивни и отпорни општества и економии кои се способни да ги разберат и предвидат промените во населението, да се прилагодат на новите реалности и максимално да го искористат својот најголем ресурс – луѓето.

