Утрински Весник
Македонија

Сиљановска-Давкова за помилувањето на Шефије Јакупи: Заслужува староста да ја доживее на слобода

Zatvor.jpg

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека 71-годишната Шефије Јакупи од кичевското село Зајас, која 17,5 години поминала во затвор за убиство на сопругот, заслужува остатокот од животот да го помине на слобода.

Одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на НУ „Струшки вечери на поезијата“, претседателката го образложи своето решение за помилување на Јакупи во траење од една и пол година.

Сиљановска-Давкова посочи дека при одлуката се водела од препораките на ГРЕКО и на Советот на Европа, според кои осудените лица имаат право последните години од животот или длабоката старост да ја доживеат на слобода.

Таа нагласи дека, иако во пресудата се наведува дека станува збор за сурово убиство, случајот мора да се разгледува и во контекст на долгогодишното насилство на кое, како што рече, Јакупи била изложена.

– Многупати го прочитав делото дека се работи за сурово убиство, но веројатно јавноста знае дека таа жена била подложена на продолжено кривично дело фемицид подолго од 35 години. Затоа мислев дека јас како жена морам да имам разбирање за еден живот што од утро до вечер бил исполнет со насилство. Се разбира јас сум сега претседателка, имам можност за помилување и мислев дека навистина ова жена, особа, мајка, сиот живот тероризирана сопруга, заслужува на слобода, како што самата изјавила, дека многу би сакала крајот на животот или староста да ја доживее на слобода, дека го заслужува тоа- изјави Сиљановска-Давкова.

Според неа, се работело за личност која е најдолго во затворот.

– Таа е човечко суштество, отслужила многу, а мислам дека од мене заслужува разбирање. Мислам дека секоја друга жена на моето место, како претседателка би го сторила истото- подвлече Сиљановска-Давкова.

Предлогот за помилување, како што појасни претседателката, пристигнал од Министерството за правда и бил предложен од Комисијата за помилување.

Можете да прочитате

Словенка со туѓа картичка направила 47 интернет-трансакции од речиси 100 илјади денари

Ангелов: Вчерашниот ден најтежок со 52 пожари на отворен простор, најголем предизвик се Студеничани и Македонски Брод

ДУИ: Две години истрага без ниту еден доказ, апсурдно политичко обвинение за колективна одлука