Утрински Весник
Македонија

Сиљановска Давкова: Балансерот создаваше коруптивна моќ, законите мора да се носат по редовна постапка

20260508105442 big 730x400 74.webp.webp

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска изјави дека укинувањето на балансерот било неопходно поради коруптивните ризици што ги создавал, посочувајќи истовремено дека прашањата за нерезидентно државјанството, односите со Бугарија и енергетските политики се комплексни и мора да се решаваат преку уставни принципи, јавна дебата и почитување на човековите и еколошките стандарди.

Во изјава за медиуми по отворањето на „Генералка Викенд“, претседателката Гордана Сиљановска Давкова изјави дека т.н. балансер, во формата во која постоеше, суштински водел кон корупција и криминализација.


– Не мислам дека воопшто станува збор за уривање, бидејќи балансерот, таков каков што беше, суштински водеше кон корупција и криминализација. Назначувањето на највисоките позиции беше лоцирано во рацете на поединци и тие стекнуваа енормна, речиси султанска моќ. Не го укинавме балансерот затоа што така сакавме, туку затоа што тоа беше наведено во извештајот – рече Сиљановска Давкова.

Во врска со прашањето за нерезидентното државјанство, одговори дека решенијата мора да се носат преку аргументи.

– Прашањето е комплексно. Има држави во кои постои двојно државјанство, има држави во кои не постои. Денес сите се соочуваме со егзодус и со недостиг од работна сила и зборуваме за човечки суштества кои, исто така, имаат право на живот“, рече претседателката, додавајќи дека решенијата мора да се носат по широка јавна дебата и со мерење на аргументите „за“ и „против“.

Во однос на нејзините очекувања за односите со новата влада на Бугарија, Сиљановска Давкова изјави дека очекувањата треба да се упатат до новата бугарска влада и премиерот Румен Радев, посочувајќи дека бугарскиот народ очекува стабилност, реформи и борба против корупцијата и криминалот.

– Јас секогаш разговарам bona fide, но дали ќе има подобрување на односите ќе зависи од соговорниците – рече таа, осврнувајќи се и на средбата со потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, која, како што оцени, била пријателска, инспиративна и ветувачка кога е надвор од секојдневниот политички контекст.

Во врска со барањата на невладините организации за вето на Законот за минерални суровини, претседателката истакна дека тие имаат значајна улога во општеството и заслужуваат, како што рече, „зелено столче“ во парламентот.

– Невладините организации се неверојатно важен елемент на ова општество и заслужуваат, особено оние што се грижат за заштитата на животната средина, тоа што јас го нарекувам „зелено столче“ во парламентот. Ниту еден закон не треба да се носи по скратена постапка, туку во редовна постапка, за да може гласот и аргументите на невладините да се чујат, бидејќи пратениците не се ренесансни личности кои за сè знаат како да одлучат – рече претседателката.

Според неа, гаранциите за заштита на животната средина не се содржани во овие закони.

– Оние закони, доколку мислите на Законот за минерални суровини, пред сè се занимаваат со енергетските прашања. Ние имаме Устав, имаме и Закон за заштита на животната средина – таму е клучот за односот кон овие закони – дополни Сиљановска Давкова.

Таа истакна дека државата мора истовремено да се подготви за претстојните енергетски предизвици и да се грижи за природата.

Можете да прочитате

Средба на Сиљановска-Давкова со Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе

Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Кривична за правен субјект од Струмица и неговиот управител за „даночно затајување“ од над 1.700.000 денари