Утрински Весник
Свет

Шпанскиот премиер Педро Санчез утре ќе соопшти дали поднесува оставка

Pedro Sancez.jpg

Шпанскиот премиер Педро Санчез утре ќе соопшти дали ќе поднесе оставка поради наводите за корупција и вршење влијание од страна на неговата сопруга Бегоња Гомез.

Истрагата против Бегоња Гомез уследи по жалбата на антикорупциската група Манос Лимпијас (Чисти раце), која има врски со крајната десница, пишува Гардијан. Групата тврдеше дека Бегоња Гомез го искористила своето влијание како сопруга на премиерот за наводно да обезбеди спонзори за магистерски курс на универзитетот што го водеше.

Санчез нагласи дека неговата сопруга ќе соработува со властите, а за обвинувањата против неа ги обвини „десничарските и крајнодесничарските“ партии и медиумите.

Шпанските медиуми во петокот објавија аудио снимки и транскрипти од средбата во 2014 година меѓу министерот на конзервативната Народна партија (ПП) и Хозе Мануел Виљареј, поранешен полициски инспектор обвинет за шпионирање и за дискредитација на некои од шпанските политичари.

Во снимките, двајцата разговараат за плановите за шпионирање на таткото на Бегоња Гомез со цел „политички да го убијат“ Санчез, објави Гардијан.

Во текот на разговорот, Виљарехо напоменува и дека тој ги „насочува“ активностите на Манос Лимпијас. Околу 10.000 приврзаници на Санчез се собраа во саботата во Мадрид за да му дадат поддршка на премиерот и да побараат од него да не поднесе оставка.

Гласачите на Социјалистичката работничка партија (ПСОЕ) на Санчез носеа транспаренти „Педро, не се откажувај“ и „Демократија да, фашизам не“, пренесува Ефе.

Можете да прочитате

Сергеј Лавров: Ако Западот сака решение на украинската криза на бојното поле, Русија е подготвена

Ерменската полиција уапси 151 демонстрант против копнениот договор со Азербејџан

Во Белгија трошат по речиси 9.000 евра за обебзедување на руските дипломатски претставништва