Утрински Весник
Свет

Шји Џјинпинг: Преку преговори да се постигне политичко решение за конфликтот во Украина

Шји Џјинпинг: Преку преговори да се постигне политичко решение за конфликтот во Украина

Кинескиот лидер Шји Џјинпинг во разговор со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој е во посета на Кина, ја изразил потребата преку преговори да се најде политичко решение за конфликтот во Украина, објави државната телевизија CCTV.

dobivaj vesti na viber

Телевизијата го цитираше кинескиот лидер дека „решавањето на украинската криза со политички средства е во најдобар интерес на Европа и во заеднички интерес на сите евроазиски земји“.

„Во сегашните услови мора да избегнеме ескалација и ширење на кризата и да работиме на создавање мир“, рече тој.

Кина неколку пати даваше такви изјави, но се уште не ја осуди руската инвазија и не го критикуваше воведувањето санкции кон Москва, пишуваат медиумите во светот.

Официјални претставници на ЕУ рекоа дека Мишел е во еднодневна посета со цел да се најде рамнотежа помеѓу желбата на ЕУ да извезува повеќе во Кина и потребата да се има цврст одговор на Пекинг во одбрана на демократијата и основните слободи.

Посетата на Мишел е и можност Европската Унија да покаже обединет фронт, откако германскиот канцелар Олаф Шолц ја посети Кина на почетокот на ноември.

За време на посетата, Шолц ја повика Кина да влијае на Русија и изрази загриженост за заштитата на човековите права.

Мишел ќе се обиде да се надоврзе на тие разговори. Неговата посета доаѓа во време на зголемени тензии околу независниот Тајван, на кој Пекинг се закани дека ќе го нападне, и по извештајот на ОН дека кинеското кршење на човековите права на Ујгурите и другите етнички групи во Ксинџијанг може да се изедначи со злосторства против човештвото.

Во исто време, Мишел се обидува да ја подобри економската позиција на ЕУ во втората по големина економија во светот, која доживеа многу побавен раст поради крутите ограничувања во борбата против коронавирусот, поради што посетата на официјалниот претставник трае само еден ден.

ЕУ има годишен трговски дефицит во стоки и услуги со Кина во износ од околу 230 милијарди евра.

Можете да прочитате

Макрон ја повика Русија на примирје за време на Олимпијадата, Кремљ „ладно реагираше“

Шолц до Си: Руската инвазија врз Украина ја загрозува глобалната безбедност

Обилниот дожд предизвика поплави на Арапски Полуостров, 18 лица загинаа во Оман