Утрински Весник
Македонија

Серафимовски: Откупната цена на вранецот ќе изнесува 21,8 денари, а на смедеревката 20 денари за килограм

Slika 1 1.jpg

Откупната цена за килограм винско грозје од сортата вранец ќе изнесува 21,8 денари, додека за смедеревката ќе изнесува 20 денари, соопшти денеска во Кавадарци министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски.

„Овие цени се утврдени врз основа на реалните трошоци на лозарите и законски предвиденото зголемување од 25 отсто. Обезбедуваме фер, транспарентен и предвидлив процес, во кој трудот и вложувањата на лозарите се соодветно вреднувани”,  истакна министерот Серафимовски.


Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја утврди производната цена за двете најзастапени сорти винско грозје согласно Законот за виното и Методологијата за пресметка на трошоците за производство на килограм винско грозје на определена површина и соодветен квалитет.

Пресметката ја изготви Земјоделскиот институт – Скопје, како научна институција избрана преку јавен конкурс. Производната цена е добиена врз основа на теренски истражувања, анкети и анализа на репрезентативен примерок на лозарски стопанства.

При нејзиното утврдување се земени предвид сите релевантни производни параметри, вклучително и трошоците за агротехнички мерки, заштита и прихрана, работна сила, механизација, репроматеријали, како и останатите фиксни и варијабилни трошоци.

Заради целосна транспарентност на постапката, анкетните листови користени при пресметката беа јавно објавени на веб-страницата на Земјоделскиот институт – Скопје.

Министерството останува посветено на доследна примена на Законот за виното и подзаконските акти, како и на создавање стабилни и предвидливи услови за производство и откуп на винското грозје, во интерес на лозарите и на развојот на домашната винарска индустрија.

Можете да прочитате

До 18 часот 28 пожари на отворен простор, од кои 11 се активни

Осма жртва од западнонилска треска

Нов пожар кај Стенковец, црн чад се шири кон Скопје