Утрински Весник
Македонија

Се бара компанија за финалната фаза од чистењето на Линданот во ОХИС

Ohis lindan mala deponija 768x576.jpg.jpg

Започна постапката за избор на компанија што ќе ја реализира завршната фаза од чистењето на опасниот линдан од малата депонија во поранешната хемиска фабрика ОХИС. Преку меѓународен тендер, што го спроведува Канцеларијата на Обединетите нации за проекти (УНОПС), ќе се избира изведувач кој ќе го отстрани преостанатиот опасен отпад од третата, четвртата и петтата касета на депонијата.

Тендерската постапка следува откако Владата кон крајот на минатата година најави дека ќе обезбеди 12 милиони евра за конечно расчистување на историскиот отпад, кој повеќе од четири децении претставува сериозен еколошки и здравствен ризик за Скопје. Средствата ќе се инвестираат во период од три години за целосна санација на малата депонија со линдан.


Од почетокот на проектот во 2021 година досега се ископани и уништени 1.969 тони линдан и 586 тони контаминирана почва. Сепак, за целосно завршување на процесот остануваат уште околу 916 тони ХЦХ-отпад, 2.191 тон загадена почва, 1.121 тон контаминиран бетон, како и приближно 70 тони почва загадена со жива.

Од Министерството за животна средина информираат дека УНОПС го објавил меѓународниот тендер во средината на мај, а рокот за доставување понуди е 7 јули. По евалуацијата и изборот на најповолен понудувач ќе следи потпишување договор и подготовка на теренот, додека почетокот на финалната санација се очекува во септември годинава.

Избраната компанија, покрај ископувањето и третманот на опасниот отпад, ќе треба да предложи и конечно решение за живата која беше откриена во дел од базените со линдан. Во моментов таа е безбедно складирана во еден од веќе исчистените базени, каде ќе остане сè додека не се донесе одлука за нејзино трајно отстранување во согласност со националните и меѓународните стандарди.

Покрај малата депонија, сериозен еколошки проблем претставува и големата депонија во кругот на ОХИС, за која се проценува дека содржи околу 50.000 тони линдан. Дополнително, големи количини од овој опасен отпад се закопани и на локалитетот Пеленица кај Драчево, каде се наоѓаат околу 40.000 тони чист ХЦХ и уште 6.500 тони мешан индустриски отпад.

Во рамки на проектот „Национален фонд за животна средина“, кој го спроведува УНОПС во соработка со Генералниот секретаријат на Владата, ќе се реализираат детални геолошки и теренски истражувања на големата депонија. Целта е прецизно да се утврдат количините на опасниот отпад и контаминираната почва, што ќе биде основа за идната целосна санација на оваа локација.

Опасниот отпад во ОХИС е наследство од производството на линдан, кое се одвивало од 1964 до 1977 година. Во тој период биле произведени околу 2.800 тони линдан, а како нуспроизвод останале десетици илјади тони токсични изомери кои биле несоодветно депонирани. Освен тоа, во изминатите две години од кругот на фабриката беа извезени и уништени 64 тони други опасни хемикалии во специјализирани постројки во странство.

Линданот е класифициран како канцерогена супстанција од прва категорија според Меѓународната агенција за истражување на рак. Поради неговата долготрајна присутност во животната средина и способноста да се шири преку воздухот, почвата и водите, хроничната изложеност може да предизвика сериозни заболувања на црниот дроб, крвта, нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.

Поради високата токсичност, линданот е забранет со Стокхолмската конвенција од 2009 година како супстанција што мора целосно да се елиминира од употреба и производство. Македонија е меѓу државите што ја имаат ратификувано оваа меѓународна конвенција и има обврска постепено да го отстрани историскиот опасен отпад од својата територија.

Можете да прочитате

Малолетник од Тетово уапсен поради кражби во црква и две џамии

Кој кого издигнува – партијата луѓето или луѓето партијата?

МВР со засилени контроли: Казнети 31 мотоциклист без кацига, шест лица лишени од слобода