Утрински Весник
Свет

Кремљ негира дека Русија се согласила со учеството на Европа во мировните преговори за Украина

Kremlj.jpeg

Висок советник во Кремљ денеска изјави дека Русија сѐ уште не се согласила за учество на европски претставници во следната рунда мировни преговори за Украина оспорувајќи ги изјавите дадени од американските преговарачи по разговорите во Москва дека Европејците ќе учествуваат во следната рунда разговори.

Руски, украински и американски претставници одржаа разговори во Абу Даби минатата недела, први по девет месеци.


Двајца американски претставници, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, потоа се сретнаа со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, а потоа изјавија дека Европа ќе учествува во следната рунда преговори.

Советникот на Кремљ Јуриј Ушаков иако не ги спомена директно изјавите на американската страна, им рече на новинарите: „Во моментов се дискутира за одржувањето на следната рунда преговори во трилатерален формат. Тие преговори продолжија пред неколку дена во Абу Даби и беше договорено дека ќе продолжат. Датумот сѐ уште не е утврден, а што се однесува до проширувањето на форматот – за што некои зборуваат – не е постигнат договор со нас“.

На прашањето што треба да се случи за Русија да се согласи со учеството на Европа, Ушаков одговори: „Треба многу да се направи пред да се договори такво нешто. Особено, можеби ќе треба да се одржи уште една рунда или можеби уште повеќе рунди трилатерални преговори“.

Тој додаде дека нивното учество зависи од тоа дали Русија ќе добие „јасен сигнал од Европејците за тоа што сакаат и каков конструктивен и значаен придонес можат да дадат за успешно решавање на ситуацијата во Украина“.

Можете да прочитате

Барнам: Брегзит направи повеќе штета за Велика Британија отколку корист 

Кина вели дека претстојната средба Шји – Трамп – Путин е „историска“

Поранешен шеф на Волстрит: АИ балонот ќе пукне, доаѓа рецесија