Утрински Весник
Свет

Санчез: Уште 5.000 војници ќе бидат испратени во областите погодени од поплавите

Sancez.jpg

Драматичните поплави што се случија во текот на ноќта меѓу вторникот и средата на југоистокот на Шпанија предизвикаа најмалку 211 жртви, се вели во најновиот извештај што денеска го објави премиерот Педро Санчез.

Тој, исто така денеска најави дека уште 5.000 војници ќе бидат испратени во областите погодени од поплавите. Првиот контингент од 4.000 војници се очекува денеска да пристигне во погодените области, објави Ел Паис. Тоа претставува најголемо воено распоредување во Шпанија во мирнодопски услови, со повеќе од 4.500 спасувачки операции и помош за повеќе од 30.000 луѓе.

Санчез истакна дека Шпанија се соочува со „најлошите поплави на овој век“ и апелираше на единство за да се надминат тешките последици.

Во вторник најверојатно ќе се формира комисија за обнова и економско закрепнување.

Шпанскиот премиер укажа и на инфраструктурните работи, вклучително и обновувањето на брзите железнички линии и поправките на железничките тунели.

Тој потврди дека шпанската влада е целосно посветена на поддршката на локалните власти и семејствата погодени од поплавите.

Во меѓувреме, илјадници доброволци се собраа во Валенсија, од каде ќе бидат испратени во најпогодените градови.

Според последните податоци, во поплавите на југоистокот на Шпанија загинаа 211 лица, но голем дел се уште се водат како исчезнати. 

Можете да прочитате

Четириесет тела со траги на мачење пронајдени во болница во Дамаск

Годинава во светот загинаа 104 новинари, Газа најопасна зона

Падот на Асад ги доведе во неизвесност сириските бегалци во ЕУ