
Во време кога светската економија сè повеќе зависи од критичните минерали, рударството повторно се наметнува како една од индустриите со најголем извозен потенцијал. Економските експерти оценуваат дека Македонија мора да го засили извозот за да обезбеди стабилен економски раст и да го намали хроничниот трговски дефицит.
Денес најголем дел од македонскиот извоз доаѓа од автомобилската и рударската индустрија, но глобалните трендови покажуваат дека токму побарувачката за бакар ќе продолжи да расте. Проектот „Иловица“, според инвеститорот, има потенцијал да стане една од трите најголеми извозни компании во земјата, со просечен годишен извоз над 200 милиони евра, додека државата би остварувала дополнителни приходи преку концесиски надоместоци и други јавни давачки.
Инаку, како што пишува специјализираниот портал извоз.мк, во текот на април од Македонија биле извезени 335 илјади тони стоки во вредност од 784 милиони евра. Вредноста на извозот во април бележи раст од 16,3% во споредба со истиот месец лани, додека извезените количини се зголемени за 9,1%. Во истиот период, увозот изнесувал 1,16 милијарди евра, што претставува раст од 21,7% во однос на април минатата година. Покриеноста на увозот со извозот во април изнесувала 67,6%, што е намалување во споредба со 70,7% колку што изнесувала во април лани. Трговскиот дефицит достигнал 375 милиони евра и е зголемен за 34% во однос на истиот месец минатата година.
Експертите се согласни дека владите од изминатиов период користат „ист мотор“ за економскиот раст, односно потрошувачката, наместо да го стимулираат извозот.
„Ако ние базираме економски раст на потрошувачка, а сме земја со економија која е целосно увозно зависна, ние целосно се препуштаме на милост и немилост на трговците коишто ќе увезуваат и ќе ни продаваат суровини и крајни производи коишто ги конзумираме и како граѓани и како компании. Тоа е голем ризик за една економија. Ако било која влада сака да заузда некои процеси тука, треба на долг рок да ги гледа овие промени и да обезбеди посигурна економска иднина, со цел да произведува повеќе од тоа што е финална потрошувачка“, оцени Виктор Митевски, директор на Здружение за истражувања и анализи, во неодамнешното издание на „Вин-вин“.
„Потребна е голема промена на мастер планот. Идејата, која одамна ја зборуваме, е дека мора да прифатиме, односно најисплатливо за Македонија е да го прифати моделот на раст базиран на експанзија на извозот. Не на личната потрошувачка, туку на експанзија на извозот“, истакна универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
Значењето на рударството за економијата беше потенцирано и во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046. Според експертите на МАНУ, македонската економија како мала отворена економија треба да работи на градење на модел кој ќе биде базиран на извоз каде секторот рударство и вадење на камен ќе има свој придонес, имајќи го предвид фактот дека овој сектор е извозно ориентиран и неговиот придонес може да биде од исклучителна важност.


