Утрински Весник
Магазин

Род Стјуарт се јави во програма во живо и ги критикуваше конзервативците

Род Стјуарт се јави во програма во живо и ги критикуваше конзервативците

Британскиот поп-рок пејач и текстописец Род Стјуарт во четвртокот се јави во програма во живо на „Скај њуз“ за да го критикува здравствениот систем, повикувајќи ја владата да се повлече и да ѝ даде шанса на опозициската Лабуристичка партија.

dobivaj vesti na viber

Стјуарт, познат по своите хитови од 70-тите, Maggie May и Do Ya Think I’m Sexy, говореше во емисија посветена на кризата во британскиот Национален здравствен сервис (NHS), а во која имаше телефонски повици од граѓани.

„Ова е премногу тажно за медицинските сестри“, рече Стјуарт. „Ова е навистина потресно. Сите овие години што живеам во оваа земја, никогаш не било толку лошо.“

NHS, финансиран од државата, до неодамна беше гордост за многу Британци, но сега е под силен притисок поради недоволно инвестирање и последиците од пандемијата, што резултираше во штрајк без преседан на медицинските сестри и останатиот медицински персонал.

„Мислам дека оваа влада треба да се повлече и да ѝ даде шанса на Лабуристичката партија“, рече Стјуарт (78), истакнувајќи дека тој долго време е конзервативец.

Тој откри дека во средата се пријавил во празна приватна клиника за радиолошко скенирање, додавајќи дека многу пациенти умираат затоа што не можат да добијат рендгенска снимка.

Потоа се понуди да плати 10 или 20 прегледи за граѓаните и изрази надеж дека и другите кои можат да го сторат тоа ќе го следат примерот.

„Не ми треба публицитет. Само сакам да направам добра работа“, рече тој пред да го заврши телефонскиот разговор, и испеа неколку стихови од песната .Maggie May.

„Разбуди се, Меги, мислам дека имам нешто да ти кажам“, запеа Стјуарт со својот специфичен рапав глас, кој оваа песна ја направи хит во 1971 година.

Можете да прочитате

Позната српска водителка пронајдена мртва во стан во Белград

Овие три навидум здрави намирници предизвикуваат дебелеење

Напиток од лимон и маслиново масло за здрав црн дроб