
Не е извршено соодветно евидентирање на имотот на општина Илинден и не се преземени активности за запишување на правото на сопственост. Изградбата на локални патишта и улици е без одобрение за градење, реконструкцијата на инфраструктурните објекти е без проектна документација, а распределбата на средствата за култура и спорт не е извршена на транспарентен начин. Ова го констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР), при ревизија на финансиски извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Илинден, за 2024 година, каде, како што соопшти, утврдени се состојби кои упатуваат на неправилности и неусогласености во работењето на општината.
Поради нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики на сметката на основен буџет (630) и неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики за сметката на основен буџет (637).
– Со извршената ревизија констатиравме дека старосната структура на побарувањата не е утврдена, не е извршено вредносно усогласување на 57.520 илјади денари побарувања од минати години за кои постои неизвесност во наплатата, а даночната и сметководствената евиденција не се усогласени за 39.977 илјади денари односно 648.000 евра. Побарувањата по основ на надомест за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти и за уредување на градежно земјиште се евидентираат по наплатата, наместо во моментот на нивно настанување. Дополнително, не се евидентирани побарувања за надомест за одржување на јавна чистота, како и по основ на договорна казна за изградба на објекти на неизградено градежно земјиште во сопственост на државата, соопшти ДЗР.
Пазарната вредност на недвижниот имот не е соодветно утврдена, податоците во регистарот на недвижен имот не се ажурирани, не се пресметува камата за задоцнето плаќање, не е воспоставен механизам за присилна наплата на данокот на имот додека даночните обврзници кои се стекнале со дополнителен или нов имот не се задолжуваат соодветно.
Ревизијата утврдила дека кај договорите за отуѓување на неизградено градежно земјиште во сопственост на државата, од страна на купувачите не се почитуваат договорените рокови за изградба, а до 2023 година не се пресметувале и наплатувале казнени пенали.
Во постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти, констатирале дека не се почитуваат законските рокови, не е постапено по одлуките на Советот за донесување урбанистичко планска документација со цел вклопување на бесправно изградените објекти, а за објектите за кои се донесени решенија за одбивање не се преземени мерки за нивно отстранување.
ДЗР наведува и дека на територијата на Општина Илинден се поставува урбана опрема и се врши угостителска дејност надвор од деловните објекти без издадени одобренија, при што не се остварени приходи по основ на комунална такса за користење на просторот. Исто така и имотот на општината (нематеријалните средства, земјиштето и градежните објекти) не е соодветно евидентиран и постои неусогласеност на состојбата во повеќе билансни позиции.
За капиталните инвестиции по основ на реконструкција во водоводната, канализациската мрежа и атмосферската канализација, не се преземени активности за запишување на правото на сопственост. Пописот на средствата и обврските не е извршен на начин предвиден во законските и подзаконските прописи.
– При изградба и реконструкција на локални патишта, улици, спортски игралишта и урбана опрема во Општина Илинден, во вкупна вредност од 98.385 илјади денари (приближно 1.594.500 евра), утврдивме слабости во однос на: изведување на градежни работи без одобренија за градење, реконструкција на линиски инфраструктурни објекти без одобрен проект, налозите за работа не содржат суштествени елементи (технички спецификации, количини, единечни цени и рокови на изведба), изведување на работи кои не се предвидени во налозите, како и отсуство на конечни пресметки и уредно одобрена градежна документација. Програмските активности од областа на културата и спортот се реализирани без објавен јавен повик или објава на веб страната на општината и без претходно утврдени јасни и прецизни критериуми и услови за распределба и користење на средствата во износ од 1.334 илјади денари, се вели во соопштението.
Пропусти се најдени и во административниот дел, каде се утврдени неправилности при пресметката на платите на службениците за минат труд и за боледувања, како и прекршувања во постапките за доделување на договори за јавни набавки.
Од Државниот завод за ревизија веќе се дадени препораки до надлежните лица во Општина Илинден за подобрување на овие состојби и усогласување со законите.

