Утрински Весник
Македонија

Рафајловски: Мицкоски има визија, но тимот не му испорачува резултати

Img 5206.jpeg

Во последното издание на емисијата „Бизнис 21“, стопанственикот Горан Рафајловски даде своја анализа за работата на актуелната влада и економските политики во државата.

По подолга пауза од јавноста, Рафајловски оцени дека кај премиерот Христијан Мицкоски препознава силна и искрена желба за напредок на државата, но истовремено изрази сериозен сомнеж во капацитетот на владините кадри.


Според него, главниот проблем е што визијата на премиерот не се реализира соодветно на терен.

„Желбата на премиерот е извонредна, но тимот кој го избрал или не ја извршува работата како што треба, или нема доволно познавања за да ја реализира“, посочи Рафајловски.

Тој смета дека не е доволно некој само да биде поставен за министер, туку секој функционер мора да има јасен план и конкретни цели уште од првиот ден.

Во разговорот, Рафајловски повика и на напуштање на, како што рече, „гломазните партиски програми“ и фокусирање на реални и остварливи проекти што ќе донесат конкретни резултати за граѓаните.

Осврнувајќи се на економските теми, стопанственикот истакна дека Северна Македонија како мала држава треба да се насочи кон привлекување сериозни стратешки инвеститори и партнери.

Воедно, тој позитивно ја оцени мерката за доделување 250 милиони евра државна поддршка за домашното стопанство, нарекувајќи ја „одличен потег“.

Од друга страна, Рафајловски изрази несогласување со политиките за намалување на ДДВ и акцизите на горивата, оценувајќи дека таквите мерки не се долгорочно решение.

Посебно внимание привлече и неговиот став за платите на функционерите. Според него, доколку државата сака да ја намали корупцијата и да привлече квалитетни професионалци, министерските плати не би требало да бидат под 10.000 евра.

И покрај критиките кон администрацијата, Рафајловски нагласи дека во институциите и понатаму има професионалци кои чесно и посветено ја работат својата работа.

Можете да прочитате

Притвор побара Обвинителството за косовски државјанин по несреќата со четири жртви кај Скопје

Рубин Земон поднесе оставка од ИО на СДСМ: Не сакам моето семејство да биде мета на напади

СДСМ: До кога граѓаните ќе чекаат Мицкоски и Филков да пратат документи за екстрадиција на Груевски?