Утрински Весник
Свет

Путин и Трамп остварија телефонски разговор по повод 80-тиот роденден на американскиот претседател

Tramp Putin.webp.webp

Претседателот на Русија, Владимир Путин, и неговиот американски колега Доналд Трамп, кој денеска слави роденден, остварија телефонски разговор, соопшти советникот на рускиот лидер, Јуриј Ушаков.

– Претседателот на Русија, Владимир Владимирович Путин, денеска по телефон му го честиташе на претседателот на САД неговиот 80-ти роденден – изјави Ушаков, додавајќи дека разговорот траел 55 минути и имал „пријателски и искрен карактер“.


– Како што и самите сфаќате, немаше само размена на учтивости. Претседателот Трамп не само што сослуша добри зборови и желби, туку лидерите, секако, разговараа и за клучните теми од актуелната меѓународна ситуација, развојот на билатералните договори и можните контакти на претставниците од двете страни – додаде претставникот на Кремљ.

– Постигнат е договор специјалните претставници на претседателот на САД, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои во моментов се тесно ангажирани со иранските прашања, наскоро да се вратат во Русија – изјави тој.

– Владимир Путин природно изрази најдобри желби до првата дама Меланија Трамп, пофалувајќи ја нејзината улога во спојувањето на руските и украинските деца со нивните семејства. Од своја страна, Доналд Трамп ги пренесе поздравите и благодарноста на својата сопруга за соработката што ја добила од руска страна – рече Ушаков.

Според советникот во Кремљ, за време на разговорот Трамп изразил подготвеност да влијае како врз европските партнери, така и врз Киев за прекин на воените дејствија.

Минатата година Путин исто така по телефон му го честиташе роденденот на својот американски колега. Овој разговор е прв во последниот месец и половина, откако на 29 април двајцата разговараа за примирјето во Украина.

Можете да прочитате

ИРГЦ: Во случај на обновување на судирите, Иран ќе открие оружје што ќе го изненади целиот свет

Трамп најави „најголем американски воздушен саем во светот“

Масовните протести во Франција влегуваат во четвртиот викенд