В среда на 22 април, со почеток од 18:00 часот во Музејот на македонската борба за самостојност ќе биде промовирана книгата „Женскиот идентитет и женскоста низ поетската призма“ од Рената Пенчова, издание на „ПНВ Публикации“ од Скопје. Промотор ќе биде проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, а разговорот со авторката ќе го модерира Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на ПНВ Публикации.
Изданието е поддржано од Министерството за култура и туризам.
За книгата, во поговорот, проф. д-р Мојсова-Чепишевска истакнува: „Потребата да се открие потеклото на женскиот молк и јачината на женскиот крик е мисла водилка во исчитувањето на ова научно истражување од Рената Пенчова. Претставувањето на женскиот идентитет и женственоста во основоположничката генерација на современата македонска поезија открива сложена интеракција помеѓу културните норми, историскиот контекст и литературниот израз. Избрани се посебни, ферментирани стихови од автори и авторки со цел да се прикажат на една оска. (…) Ослободувањето од стегите се случува постепено, поточно, молкот се преобразува во говор, потчинетоста во самосвест, а маргинализацијата во рамоправност.“
Рената Пенчова (1998, Штип) има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопjе на Катедрата за Македонска книжевност и jужнословенски книжевности, а во 2025 има магистрирано на отсекот Македонска книжевност. Во текот на своите студии има престоjувано на студиски размени на Филозофскиот факултет во Загреб, Институтот за славистички студии во Грац, Факултетот за уметност во Братислава и Факултетот за култура и уметност во Варшава. Има работено како лектор по македонски јазик на Факултетот за европски јазици и култури на Универзитетот за странски студии во Пекинг, Народна Република Кина. Таа има искуство и како млад европски амбасадор од Западен Балкан и има реализиранo пракса во „Светската младинска европска организациjа“ во Брисел и е сертифициран работник со млади. Пенчова има волонтирано во различни младински организации, а била и волонтер во „Младинфо Словенско“ како дел од програмата Европски солидарен корпус. Учествувала на многу книжевни манифестации, научни конференции и симпозиуми. Дел од поетските творби ѝ се обjавени во периодиката, а се jавува и како уредник на меѓународното списание „Медиевал“. Во 2015 и 2020 година неjзините поетски творби беа наградени на интернационалниот фестивал „Замокот Дуино“ во Трст, Италиjа. Taa jа има претставувано македонската литература, уметност и култура на Универзитетот „Иналко“ во Париз.

