Во малата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, денес, со почеток во 18 часот, ќе се одржи промоција и презентација на книгата „Најосаменото место“ од Симеон Јанков.
Симеон Јанков е роден на 21.8.1981 година во Скопје. Завршил средно училиште во „Корчагин“, дипломирал македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет. Во минатото се занимавал со проучување на словенската митологија, а во последните неколку години се занимава со проучување на врските меѓу македонскиот јазик и словенските јазици, од една страна, и другите индоевропски јазици, од друга, фасциниран од нивната блискост, која најчесто не е забележлива на прв поглед, притоа служејќи се со литературата на некои од најголеми и најреномирани научници на тоа поле, како Макс Фасмер, Рик Дерксен, Олег Трубачев и други.
Автор е на романите „ Црна шума“ и „Најосаменото место“. Преведува од англиски, руски, српски и обратно.
Романот ќе го промовира Фросина Пармакоска. Во рецензијата промоторот ќе истакне:
„Ова е роман за вртоглавите патувања низ најмрачните сокаци во човековата психа, за најосаменото место, каде што животот го вперува своето огледало во смртта, а смртта испушта еликсир што ја опива душата со љубовта кон мртвата сакана.
Главниот лик е плетач на приказни, сонувач на минати времиња, гледач на неми филмови, собирач на трепки и на мртви љубови и, конечно, цртач на извонредно тенки линии помеѓу она што вистински е и она што само така изгледа. Одлично изграден лик, по малку чудак, по малку мрачен, по малку фантазер, но исклучително несекојдневен и интригантен лик, кој во комбинација со занимливата приказна и прекрасниот начин на нејзино раскажување од самиот лик (роман во прво лице) го произвеле најосаменото место како уникатна must-see дестинација што топло ја препорачувам. Симеон Јанков е веќе потврден раскажувачки водич, кој има и тоа како што да каже, што да покаже и извонредно креативни начини како да го поведе читателот во неповторлива книжевна авантура!“