
Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје – Скопје прогласија епидемија на западнонилска треска во повеќе делови од главниот град, откако во изминатиот период е регистриран зголемен број заболени од вирусот.
Според информациите, епидемијата е прогласена на подрачјата на Кисела Вода, во реонот на Пржино, како и во Аеродром, Бутел, Гази Баба, Илинден, Драчево, Идризово, Јурумлери и Трубарево.
Во моментов Институтот за јавно здравје има регистрирано 26 случаи, од кои кај 24 лица е потврдено присуството на вирусот. Од регистрираните случаи, 25 се од Скопје, а еден пациент е од Велес.
Најголем дел од заболените се повозрасни мажи над 60-годишна возраст, кои претежно извршувале земјоделски и градинарски активности во приквечерните и раните утрински часови – период кога комарците се особено активни.
Состојбата кај дел од пациентите е сериозна. На Клиниката за инфективни болести досега биле регистрирани 29 пациенти, а петмина се во тешка здравствена состојба и се на механичка вентилација.
За жал, вирусот однесе и човечки живот. Во текот на викендот починал 83-годишен маж, кој имал и други придружни заболувања.
Здравствените власти апелираат граѓаните да преземат дополнителни мерки за заштита од каснување од комарци. Се препорачува поставување заштитни мрежи на прозорците и вратите, употреба на репеленти и избегнување подолг престој на отворено во периодот околу зајдисонце и во раните утрински часови.
Западнонилската треска е вирусно заболување кое најчесто се пренесува преку каснување од заразен комарец. Кај најголем дел од заразените инфекцијата може да помине без сериозни симптоми, но кај повозрасните лица и лицата со придружни заболувања постои поголем ризик од тешка клиничка слика.

