Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји денеска ја продолжува тридневната посета на Србија, каде ќе има средби со високи претставници во Белград и ќе посети одредени институции во Нови Сад и Суботица.
Вархеји денеска ќе присуствува на потпишувањето на договорот за грантови донирани од Европската Унија за втората фаза од програмата „Обновливи извори на енергија – развој на пазарот на биомаса во Република Србија“ во Владата на Србија.
Тој ќе присуствува и на потпишувањето на Меморандумот за разбирање за формирање на Советот на европските бизнис асоцијации и стопански комори во Србија.
Вархеји денеска во Белград одвоено ќе разговара со српскиот премиер Милош Вучевиќ, министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ и министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ како и со неколку други членови на ВладатаВархеји вчера имаше средба со претседателот Александар Вучиќ, по што изрази надеж дека Србија ќе стане членка на ЕУ пред крајот на мандатот на следната Европска комисија во 2029 година, пренесе Бета.
Вархеји утре ќе разговара со претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, а ќе има одвоени средби и со шефовите на пратеничките групи на владејачките и опозициските партии.
Од Србија, Вархеји заминува за Црна Гора, каде в четврток во Котор ќе учествува на самитот на лидерите од Западен Балкан и претставници на ЕУ и САД, на кој ќе се разгледува Планот за раст на Западен Балкан.