Утрински Весник
Свет

Причината за големата железничка несреќа во Индија е електронскиот систем за сигнализација

Причината за големата железничка несреќа во Индија е електронскиот систем за сигнализација

Индискиот министер за железници објави дека е идентификувана причината и одговорноста за најголемата железничка катастрофа во Индија во последните децении, посочувајќи го електронскиот систем за сигнализација како главен виновник.

dobivaj vesti na viber

„Ја идентификувавме причината за несреќата и лицата одговорни за неа“, изјави министерот Ашвини Ваишнау за новинската агенција АНИ во неделата, додавајќи дека не е соодветно да се обелоденат дополнителни детали пред конечниот извештај од истрагата.

Спасувачките тимови и семејствата ги пребаруваат уништените вагони по жртвите по најтешката железничка несреќа во земјата во повеќе од две децении.

Да потсетиме, најмалку 275 луѓе загинаа во петокот кога патнички воз излета од шините откако се судри со запрен товарен воз, по што удри во друг патнички воз што доаѓаше од спротивната насока, во близина на областа Баласоре во источната држава Одиша.

Бројот на загинати, кој претходно се проценуваше на 288, е намален денеска откако беше откриено дека некои тела биле избројани двапати, се вели во изјавата на главниот секретар на државата Прадип Јена испратена до новинската агенција АНИ. Уште пет тела се донесени во училиштето во близина на местото на несреќата, кое служи како мртовечница, рано утринава.

Индиската државна железница, за која вели дека превезува повеќе од 13 милиони луѓе секој ден, работи на подобрување на безбедноста на своите патници, загрозени од застарената инфраструктура.

Премиерот Нарендра Моди, кој се соочува со избори следната година, го посети местото на настанот за да разговара со спасувачките тимови, да ги прегледа остатоците и да се сретне со некои од речиси 1.200 повредени. Оние кои ќе бидат прогласени за виновни ќе бидат строго казнети, рече Моди.

Резултатите од прелиминарната истрага покажуваат дека возот Коромандел Експрес, кој сообраќал од Калкута кон Ченај, излетал од шините и со брзина од 130 километри на час влегол во втората пруга што се користи за запирање на возовите, при што се судрил со запрен товарен воз. изјави претставник на Индиските железници.

Судирот предизвикал локомотивата и првите четири или пет вагони на Коромандел Експрес да излетаат од шините и да се судрат со последните два или три вагони на друг патнички воз Џешванпур-Хоура, кој доаѓал од спротивна насока со брзина од 115 километри на час, објасни тој.

Како резултат на тоа, Џешванпур-Хоура, исто така, излета од шините, што доведе до огромно уништување, рече изворот, кој сакаше да остане анонимен бидејќи не му беше дозволено да зборува со медиумите. Машиновозачите на двата патнички воза се повредени, но го преживеале судирот, изјави лицето.

Градежни машини денеска ги чистеа оштетените шини, уништените возови и електричните кабли, додека вознемирените роднини на жртвите гледаа. Повеќе од илјада луѓе се вклучени во спасувачките операции, напиша Министерството за железници на Твитер.

„Целта е до среда наутро целата реконструкција да биде завршена и пругите да бидат функционални“, рече министерот за железници Ашвини Ваишнав. Десетици членови на семејствата чекаа во деловниот центар, каде телата се носат на идентификација, а многумина од нив плачеа држејќи лични документи и фотографии од исчезнатите.

Можете да прочитате

Амбасадата на САД во Израел им порача на вработените и на семејствата да ги ограничат движењата

Во Индија почнаа парламентарните избори кои ќе траат до 1 јуни

САД ставија вето на барањето на Палестинците за полноправно членство во Обединетите нации