Утрински Весник
Свет

КАТАСТРОФАЛНИ ПОПЛАВИ ВО ИСТАНБУЛ: Морето се спои со копното, автомобили потонаа под вода

Img 5838.webp.webp

Силно невреме проследено со поројни дождови денеска, 14 октомври, го погоди Истанбул, предизвикувајќи големи поплави, сообраќаен хаос и драматични сцени во повеќе делови од турската метропола. Улиците се претворија во реки, десетици автомобили завршија под вода, а во крајбрежните делови морската вода навлезе на копното.

Како што пренесуваат турските медиуми, меѓу кои и „Милијет“, обилните врнежи започнале во утринските часови, а во текот на денот дополнително се засилиле, предизвикувајќи поплави во повеќе населби.


Особено драматична е состојбата во Саријер, каде што надојдената вода поплавила голем број улици и автомобили. Во населбата Ајазага десетици возила останале заробени во водата, а снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат автомобили кои речиси целосно се потопени.

Невремето предизвикало несекојдневни сцени и на крајбрежјето во Саријер, каде морската вода навлегла на копното, создавајќи впечаток дека морето и копното се споиле.

Сериозни проблеми се регистрирани и во Арнавутќој, каде што поради обилните врнежи се излеала реката Алибеј. Водата го прелеала мостот во областа Богазќој и навлегла во дворот на блиско училиште, предизвикувајќи дополнителна загриженост кај населението.

Поплави се забележани и во Есенлер и Ќагитхане, каде што големи количества вода ги прекриле улиците, а возачите имале сериозни тешкотии во движењето. На повеќе локации автомобилите останале заглавени, додека дел од мотоциклистите биле принудени да се симнат од возилата и да ги туркаат низ поплавените улици.

Невремето го нарушило и функционирањето на јавниот превоз. Вода навлегла во делови од метро-станиците и подземните премини во Есенлер, Зинџирликују и Топкапи, предизвикувајќи проблеми во движењето на патниците.

Во Саријер бил поплавен и паркинг-простор на трговски центар, каде што надојдената вода ги зафатила местата на кои биле паркирани автомобили.

Дополнително, од населбата Ајазага пристигнале драматични снимки на кои се гледа како силните водени струи носат автомобили по улиците. Дел од возилата се судриле едни со други, додека граѓаните се обидувале да се засолнат и да се спасат од надојдената вода. На одредени локации граѓани биле извлекувани со помош на јажиња.

Поплавите предизвикале сериозни нарушувања во секојдневното функционирање на Истанбул, еден од најголемите градови во Европа, додека надлежните служби интервенирале на повеќе локации.

Според информациите на Асошиејтед прес, властите донеле одлука наставата во училиштата во Истанбул да биде прекината во четврток, 15 октомври, како превентивна мерка. Граѓаните се повикани да избегнуваат непотребни излегувања, особено во деловите погодени од поплавите.

Досега нема потврдени информации за загинати во невремето, додека проценката на материјалната штета продолжува.

Можете да прочитате

Вработен во „ОпенАИ“ уапсен поради уред за прислушување во конференциска сала

На протестите во Франција учествувале околу 480 илјади луѓе

Трамп: На „нашиот“ Гренланд се подготвува обемно истражување на нафта, гас и минерали