Утрински Весник
Свет

Претседателот на Израел ја повика ЕУ да го искорени антисемитизмот

Претседателот на Израел ја повика ЕУ да го искорени антисемитизмот

Израелскиот претседател Исак Херцог изјави денеска дека антисемитизмот е во пораст во западниот свет и апелираше до Европската унија да обезбеди безбеден живот на Евреите на континентот каде што се случи Холокаустот.

dobivaj vesti na viber

По повод Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, 27 јануари, Херцог им порача на европратениците дека земјите и официјалните претставници на ЕУ треба да го искоренат антисемитизмот преку закон, образование и безбедност.

„Морате да ги следите предупредувачките знаци, да ги забележите симптомите на пандемијата на антисемитизмот и да се борите по секоја цена. За жал, сликата е вознемирувачка, длабоко вознемирувачка. „Антисемитскиот дискурс кулминира не само во мрачните режими, туку и во срцето на слободниот, демократски Запад“, рече Херцог.

Тој изјави дека антисемитизмот станал посилен за време на пандемијата на корона вирусот бидејќи строгите мерки како што се „заклучувањата“ придонеле за ширење на омраза преку Интернет.

Херцог рече дека антисемитизмот се шири „со рекордно темпо, со притискање на копче“, додавајќи дека има „помалку растојание отколку што мислите“ помеѓу објавата на Фејсбук и вандализмот на надгробните споменици.

Повеќе од 2.700 антисемитски инциденти беа документирани во Германија во 2021 година, вклучувајќи 63 напади и шест случаи на екстремно насилство. Европската агенција за фундаментални права изјави дека девет од 10 Евреи мислат дека антисемитизмот е зголемен во нивната земја. Инцидентите и говорот на омраза се во пораст и во САД.

Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот се одбележува на годишнината од ослободувањето на логорот на смртта Аушвиц-Биркенау, каде што нацистичка Германија масовно убиваше Евреи како дел од нејзиниот план да го истреби тој народ во Европа.

Силите на нацистичка Германија убија 1,1 милион луѓе во Аушвиц, од кои повеќето беа Евреи, но и Полјаци, Роми и други.

Во Втората светска војна, нацистите и нивните соработници убија приближно шест милиони европски Евреи.

Можете да прочитате

Во Франција за Велигден зголемено присуството на полицијата пред црквите

Палестинската управа формира нова влада

Шпанската крајбрежна стража спаси 124 мигранти во близина на Канарските острови