
Белгиската полиција изврши претрес во објекти на Европската комисија во Брисел во рамки на истрага за можно неправилно постапување при продажба на недвижен имот во сопственост на ЕУ.
Акцијата, спроведена во утринските часови, опфатила повеќе служби, меѓу кои и секторот за буџет, објави „Фајненшл тајмс“. Под лупа е трансакција од 2024 година, кога 23 згради биле продадени на белгискиот државен инвестициски фонд SFPIM за околу 900 милиони евра.
Истрагата ја води Европското јавно обвинителство (EPPO), кое се занимава со дела што можат да им наштетат на финансиските интереси на Унијата. Портпаролката Тине Холвет потврди дека се преземаат активности за прибирање докази, но без дополнителни детали поради тековната постапка.
Белгиската федерална полиција и OLAF засега не коментираат, ниту пак одговор има од фондот SFPIM. Во случајот се споменува и поранешниот еврокомесар за буџет Јоханес Хан, во чиј мандат била реализирана продажбата. Тој по 2024 година е назначен за специјален претставник на ЕУ за Кипар, а претходно беше комесар за проширување.


