Утрински Весник
Македонија

Пожарот кај Велес се прошири кон патот за Штип, МВР го регулира сообраќајот

Img 0751.jpeg

Пожарот што попладнево избувна во месноста Дорутовец во Велешко се проширил во правец на патот Велес – Штип, а силниот ветер го носи чадот кон автопатот, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Од ДЗС посочуваат дека опасноста од пожарот е намалена, но состојбата на терен и натаму бара внимателно следење. И покрај интервенцијата на двата „ертрактори“, велешките пожарникари, месното население и екипите на ЈП „Дервен“, огнената линија се проширила во правец на патот Велес – Штип.

Дополнителен проблем претставува ветерот, кој го носи густиот чад кон автопатот. Поради намалената видливост и можниот ризик за возачите, од ДЗС побарале поддршка од Министерството за внатрешни работи за регулирање на сообраќајот.

„Состојбата се следи од Главниот штаб за управување со кризи, во координација со екипите на терен“, соопштија од ДЗС.

Во гасењето на пожарот во Дорутовец се вклучени две противпожарни возила со шест пожарникари од ТППЕ Велес, како и два „ертрактори“ на ДЗС.

Според последните информации од Дирекцијата, до 18 часот денеска на територијата на државата биле регистрирани вкупно девет пожари на отворен простор. Четири од нив сè уште биле активни, додека пет биле изгаснати.

Можете да прочитате

Маж пронајден починат во стан во Аеродром

Во Скопје уапсени седум лица со дрога

Министерот Тошковски и премиерот Мицкоски во СВР Велес: Модернизиран команден центар, „Безбеден град” ставен во функција, значително намален бројот на жртви во сообраќајот