Утрински Весник
Свет

Полиција на коњи, дронови, 1200 луѓе: во тек е голема потрага во Германија по момче со аутизам

Arijan.jpg

Вчера, околу 1.200 луѓе учествуваа во досега најголемата потрага по момче кое исчезна во Бремерворде, Германија. И по една недела шестгодишниот Аријан не е пронајден.

Момче со аутизам минатиот понеделник го напушти домот на своите родители – и оттогаш му се губи секаква трага. Синоќа околу 1.200 луѓе го барале на копно, во река и во езеро. И покрај најголемата потрага до сега, детето не е пронајдено. Операцијата трае подолго од очекуваното.

„Поради макотрпното пребарување на непрооден терен, голем дел од силите сега ќе мируваат“, изјави синоќа портпаролката на полицијата.

Полицијата во текот на ноќта сакаше да ги анализира резултатите од обемната акција за да може денеска да продолжи со евентуални натамошни истражни дејствија.

Во неделата беше формиран координиран човечки ланец долг 1.500 метри со околу 800 луѓе кои, како што соопшти полицијата, систематски го пребарувале секој агол од теренот. Од градот Краненбург, службите за итни случаи утрото се упатија на југ.

„Траги кои можеби му припаѓаат на Аријан се пронајдени неколку пати во оваа област во последните денови“, соопшти полицијата вчераутро.

Попладнето се покажа дека пронајдените отпечатоци припаѓаат на други лица.

По човечкиот ланец теренот го пребаруваа мали тимови кои навлегуваа на тешко достапни места како густи грмушки.

„Никогаш досега не сум водел толку голема потрага“, рече Јерг Веземан, шеф на операции на полицијата во Ротенбург.

Полицајци на коњи вршеа увид на каналите, а областа ја пребаруваа и неколку дронови.

Засега нема информации за датумот кога би се завршила потрагата, изјави вчера портпаролката на полицијата.

„Големиот број сили покажува дека се уште имаме надеж“, рече таа.

Синоќа, како и претходната ноќ, екипите за пребарување избегнаа да прават врева со надеж дека шестгодишното дете ќе излезе од скривалиштето. Претходно, меѓу другото, пуштаа гласна музика и запалија огномет. Ова се работи кои му се допаѓаат на момчето, па се надевале дека ќе се движи кон нив.

Во саботата попладне, од земјоделците од областа беше побарано да се воздржат од косење до понатамошно известување. Не може да се исклучи можноста 6-годишното момче да се наоѓа на едно од полињата околу округот Елм, соопштија властите.

Во меѓувреме, итните служби продолжија со потрагата по Аријан на реката Осте.

Можете да прочитате

Земјите од Г7 ќе разговараат за високите царини наметнати од САД кон Кина

Девојче во САД злоставуванo до смрт од таткото и и маќеата кои ја држеле врзанa во подрум

ЕУ драстично ги менува правилата за мигрантите