Судскиот процес во кој Кристијано Роналдо го тужеше својот поранешен клуб Јувентус, ќе започне на 4 октомври.
Португалскиот напаѓач кој сега настапува за Ал Наср го загуби трпението и реши да го тужи поранешниот клуб. Португалецот тврди дека Јувентус му должи 19,8 милиони евра заостанати плати.
Станува збор за приходите што не ги добил за време на пандемијата на коронавирусот, по договорот за намалување на платата што играчите го потпишаа со клубот во март 2020 година.
Следеше второ намалување на платите во 2021 година, бидејќи клубот не можеше да се справи со финансиските проблеми.
„Газета дело спорт“ објави дека првото рочиште ќе биде во Јавното обвинителство во Торино следната среда.
Роналдо помина три сезони во Јувентус, од 2018 до 2021 година, и во тој период постигна 101 гол на 134 натпревари.
Тој му помогна на тимот да освои две титули и еден Куп на Италија.
Инаку, Роналдо реши да го започне судскиот процес набргу откако актуелниот напаѓач на Рома, Пауло Дибала постигна договор со Јувентус да му ги исплати трите милиони евра кои му ги должат.