Утрински Весник
Македонија

Платформата „12:05“: Филипче се повеќе личиш на својот поранешен работодавец Груевски

Img 5178.jpeg

Организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“ остро реагираа на денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека со навреди и дискредитации се пресметува со сопартијците кои имаат поинакви ставови за состојбите во партијата.

Во писмената реакција тие наведуваат дека Филипче „сè повеќе личи на неговиот поранешен работодавец Никола Груевски“ и дека, според нив, личниот револт го насочува кон оние кои јавно бараат промени во СДСМ.


„Користи крајно примитивен речник, се служи со подмолни конструкции, лично ги навредува и со сите сили се обидува да дискредитира докажани партиски борци кои и во изминатите две години и сега искрено и чесно сакаат да помогнат за посилен СДСМ“, се наведува во реакцијата.

Организаторите на платформата тврдат дека раководството на СДСМ повеќе е насочено кон внатрепартиски пресметки отколку кон политичката борба со ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.

Тие го обвинија Филипче и за авторитарен однос кон сопартијците, наведувајќи дека предлозите за структурни реформи во партијата ги отфрла без претходно да ги разгледа.

„За него сите се виновни за најслабиот резултат на СДСМ во историјата, само тој не е. За него сите се криминалци, само тој е чесен. Апсурд до апсурд“, порачаа организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“.

Во реакцијата тие отвораат и прашања поврзани со периодот кога Филипче беше министер за здравство и со постапките поврзани со пожарот во модуларната болница во Тетово, барајќи од него да одговори на нивните обвинувања пред, како што велат, да обвинува други за криминал и корупција.

Организаторите реагираат и на, како што ги нарекуваат, „заканите“ од Филипче, порачувајќи му да не се обидува да ги спречи во нивните активности.

Тие најавија дека, без оглед на ставот на актуелното раководство, своите предлози за структурни реформи во СДСМ ќе ги достават во архивата на партијата.

„Без разлика на неговите напори по секоја цена да нè спречи, ние сепак во архивата на СДСМ ќе ги доставиме нашите предлози за структурни реформи на партијата, во интерес на членството и иднината на Македонија“, се наведува во писмената реакција на организаторите на „Разговори за иднината во 12:05“.

Можете да прочитате

Левица поднесе интерпелација за министерката Божиновска

Скопјанец бил казнет за сообраќаен прекршок па телефонски му се заканувал на полицаецот

Тошковски: Разбиена сериозна организирана криминална група во Прилеп која со години дејствувала во Македонија и во земји од ЕУ