Утрински Весник
Свет

Пезешкијан: Моралната полиција не смее да ги малтретира жените

20240917074928 Big 730x400 14.webp.webp

Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан изјави дека Иранската морална полиција повеќе нема да ги „малтретира“ жените поради задолжителното носење на хиџаб.

– Моралната полиција не треба да се судри со жените. Ќе се погрижам полицијата да не ги вознемирува жените, истакна Пезешкијан на двегодишнината од смртта на 22-годишната Махсе Амини, која беше уапсена поради непрописно носење на хиџаб.

Обединети нации минатата недела соопштија дека иранските власти по масовните протести поради смртта на Амини ги „засилила напорите“ за сузбивање на правата на жените и уништување на активизмот.

Пезешкијан ја презеде функцијата од ултраконзервативниот Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа. Новиот ирански претседател важи за потенцијален реформатор.

Тој и во предизборната кампања вети дека ќе ја спречи така наречената Иранска полиција за морал да ги вознемирува жените. Но, главен авторитет во Иран е врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, кој тврди дека „откривањето (на делови на женското тело) е забрането и верски и политички“.

Амини, Иранка со курдско потекло почина во болница на 16 септември 2022 година, три дена откако беше уапсена од припадници на моралната полиција поради непочитување на строгиот ирански кодекс на облекување и одведена во „центар за превоспитување“ каде беше претепана. Таа беше приведена бидејќи неправилно го носела хиџабот односно и се гледала косата.

Нејзината смрт предизвика повеќемесечни протести, кои се претворија во повици за бунт против ајатолахот Хамнеи и теократската Влада. Протестите се одржуваа под мотото „Жена, живот, слобода“. Во задушувањето на протестите загинаа над 500 луѓе, а повеќе од 22.000 беа приведени.

Независна меѓународна мисија за проверка на факти на ОН за Иран на 18 март годинава објави дека смртта на Амини е предизвикана од насилство.

Изминатиот период сè поголем број Иранки им пркосат на властите и излегуваат на улица без хиџаб.

Можете да прочитате

Нетанјаху му се закани на Либан дека ќе биде срамнет како Газа

Нетанјаху му се закани на Либан дека ќе биде срамнет како Газа

Изборите во САД ќе чинат 15,9 милијарди долари