
Пет рудари загинаа при уривање во рудник во западна Турција, изјави денеска турскиот министер за енергетика Алпаслан Бајрактар, пренесува ДПА.

Бајрактар на Икс напиша дека вкупно седум рудари останале заробени под урнатините.
Двајца биле спасени од рудникот во областа Сома, во провинцијата Маниса. Едниот сè уште е на лекување, додека другиот е пуштен од болница, додаде тој.
Несреќата се случила вчера, соопшти државната агенција Анадолија.
ДПА пренесува дека причината за уривањето на рудникот è уште не е позната.
Анадолија денеска јави дека се приведени девет осомничени лица, меѓу кои и генералниот директор на рудникот.
Сома беше местото на најсмртоносната несреќа во историјата на рударството во Турција. Во мај 2014 година, рудничко окно беше зафатено од пламен и јаглерод моноксид, при што загинаа 301 рудар. Несреќата поттикна протести против владата и раководството на рудникот поради недоволно строгите безбедносни мерки.


