Утрински Весник
Македонија

Перински му одговори на Ѓорѓиевски за барањето од ЗЕЛС: Прво соберете си ги 100-те милиони евра од данок на имот, па барајте повеќе пари од државата

Img 7061.jpeg

Барањето на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) за зголемување на уделот на општините од ДДВ на 10 проценти и од персоналниот данок на 50 проценти е оправдано само доколку државниот буџет располага со неограничени финансиски можности. Ова го истакна министерот за локална самоуправа, Златко Перински, оценувајќи дека пред да се бараат дополнителни средства од централниот буџет, општините треба да ги подобрат сопствените приходи.

Според анализите на Министерството за локална самоуправа, локалните самоуправи секоја година губат меѓу 80 и 100 милиони евра поради неефикасна наплата на данокот на имот и неуредени даночни евиденции.


Министерот посочи дека најголемиот проблем е што голем број куќи, станови и деловни објекти воопшто не се внесени во даночните бази на општините, поради што се губат околу 1,1 милијарда денари годишно. Дополнително, дел од локалните самоуправи сè уште немаат современи и автоматизирани системи за евиденција и следење на даночните обврзници.

Како дополнителен проблем, Перински ја посочи и селективната наплата на данокот, при што, според него, во одредени случаи постои субјективен пристап во одлучувањето кому ќе му биде испратено решение за данок, а кому не.

За надминување на овие слабости, Владата формирала координативно тело во кое учествуваат Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, Катастарот, Министерството за дигитализација и ЗЕЛС. Целта е воспоставување единствено софтверско решение што ќе овозможи автоматска размена на податоци меѓу институциите.

„Целта е процесот целосно да се автоматизира. Кога граѓанинот ќе купи или промени имот, податоците веднаш да се вкрстат меѓу Катастарот, УЈП и општината. На крајот на годината, даночното решение ќе се генерира автоматски. Нема веќе локалниот моќник или вработениот во општина да бира за кого системот ќе биде мајка, а за кого маќеа“, изјави Перински.

Тој порача дека дури откако општините ќе ги искористат максимално постојните законски можности, односно ќе го подобрат прибирањето на приходите од данокот на имот и ќе ги затворат финансиските „дупки“ низ кои годишно се губат десетици милиони евра, ќе може реално да се разговара за зголемување на нивниот удел од ДДВ и персоналниот данок, од кој во моментов добиваат по шест проценти.

Можете да прочитате

Алиу: „Има пациенти, кои, за жал, не се веќе меѓу нас, а биле и се на листата на чекање“

Муцунски утре ќе учествува на бизнис форум во Истанбул

Алиу: Најдобро и најевтино е новиот клинички да биде кај 8 Септември