Министерството за одбрана на САД изврши успешен тест на пресретнување на балистичка ракета во Тихиот океан. Се работи за прво вакво пресретнување на ракета со среден дострел, тестот беше изведен на островот Гуам, јави синоќа Американската агенција за противракетна одбрана (МДА),.
Вежбата се состоела од ракета FEM-02 со воздушна основа лансирана од авион C-17 што била пресретната на 200 поморски милји од брегот на Гуам. Како пресретнувач била искористена ракетата Standard Missile-3 Blk IIA, лансирана од воздушната база Андерсен како дел од локалниот систем за противракетна одбрана Aegis Guam.
Производител на ракетата-пресретнувач е компанијата RTX Corporation (Raytheon), која е еден од клучните снабдувачи на оружје за американските вооружени сили, со проекти како ракетниот систем „Стингер“ и ракетата „Томахавк“.
-Денешните воздушни тестови се значајна пресвртница во одбраната на Гуам и целиот регион, изјави контраадмирал Грег Хафман, командант на Здружената оперативна група во Микронезија. „Се потврди нашата способност за откривање, следење и уништување на ракети во лет, зголемувајќи ја нашата подготвеност за одбрана од променливите закани на противникот.“
Во одделно соопштение на американската морнарица беше наведено дека тестирањата на ракетата се одвиваа паралелно со маневрите Sling Stone, во кои учествуваат припадници од различни родови на војската. Лансирањето на ракетата било следено од разурнувачот „Милиус“ кај брегот на Гуам, додека летот на ракетата на самиот остров го следеа армиската оперативна група и системот за противракетна одбрана THAAD. Во вежбите учествуваше и ракетниот разурнувач „Хагуро“ од Воената морнарица на Јапонија.
Гуам е дел од архипелагот Маријански Острови, и е најзападната островска територија на САД. Островот претставува клучен бастион на американските вооружени сили во Тихи Океан: на Гуам се наоѓа американски воен контингент, главно базиран во воздушната база Андерсен и воената морска база Апра-Харбор.