Утрински Весник
Македонија

Падна првата оставка во СДСМ

Image 4.png
Screenshot

По денешните парламентарни избори, потпретседателот на СДСМ Фатмир Битиќи вечерва поднесе оставка од функцијата во партијата.

„Стојам пред вас со благодарност, но и со чувство кое ги надминува резултатите од парламентарните избори. Вашиот глас за листата на пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, на која бев ко-носител во втората изборна единица, не е само бројка – тоа е израз на доверба и верување во нас, за што го изразувам своето големо почитување.

Whatsapp Image 2024 05 16 At 11.05.40 (1)

Гласовите кои ги добивме претставуваат и огромна обврска. Обврска да продолжиме со нашата политичка мисија, обврска да го засилиме дијалогот и да ги слушаме потребите на нашите сограѓани. Но, дел од исполнувањето на оваа обврска бара и политичка одговорност, бара промена.

Како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот.

Во целата моја политичка кариера барам лична одговорност од сите чинители – и овој акт е токму тоа. А оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех.
Упатувам апел дека оставката не претставува политички акт на пораз на социјалдемократската идеја, туку порака и предизвик за подобрување и преиспитување на СДСМ.

Прифаќањето на политичка одговорност нема да биде знак на слабост, туку израз на лична и партиска демократска зрелост, како и подготвеност да се промениме и да растеме – и ставаме приоритет на колективниот интерес пред личните амбиции.

Да се вратиме повторно меѓу граѓаните, да го слушнеме нивниот пулс и да ги разбереме нивните потреби и да се вратиме на нашите социјалдемократски вредности. Само на овој начин може да дојдеме до нови идеи, пристапи и енергија кои може да ја зајакнат визијата и стратегијата на СДСМ па да се вратиме со крената глава во политичката арена за да ја добиеме битката за европска Македонија – ветување кое го дадовме на граѓаните и кое им должиме да го исполниме.

И за крај: нека е ова новиот почеток кој ќе ги обедини сите искрени другари и другарки во идејата за социјалдемократија, во идејата за соживот, во идејата за Едно општество за сите каде владее правичноста, солидарноста и еднаквоста. За силен и единствен СДСМ“ вели Битиќи.

Можете да прочитате

Ален: Бевме разочарани кога видовме дека Сиљановска Давкова не го користи целосното име Северна Македонија

Велешанец при собирање печурки го погодил проектил од огнено оружје во левата нога

Детектор анкета: Секој трет размислува да се исели од Македонија