Јовица Стојановиќ е назначен за в.д. директор на Управата за извршување санкции, од каде е разрешен Марјан Спасовски по интервјуто во „А1он“.
Стојановиќ е по вторпат директор на Управата, откако претходно мандатот го извршуваше од 2017 до 2022 година.
Оттаму, беше префрлен да директорува со затворот „Идризово“, ресор кој подоцна им беше даден на Алтернатива, за да раководи нивни кадар.
Предлогот за негово назначување помина на владина седница попладнево, а должноста ќе ја извршува веќе од утре.
„А1он“ денеска контактираше со Стојановиќ кој кажа: „Јас имам 29 години ефективен стаж во затворскиот систем“, но и дека со задоволство би прифатил понуда да раководи со Управата за извршување санкции.
Овој орган е задолжен за контрола на сите затвори, а воедно, води грижа и за префрлање на затвореници од еден затвор во друг затвор.
Стојановиќ најголемиот период од својот работен век го помина во Воспитно-поправниот дом – Тетово.