Утрински Весник
Македонија

Осветен првиот македонски православен храм во Хрватска – Св. Злата Мегленска

Осветен првиот македонски православен храм во Хрватска – Св. Злата Мегленска
Ss2

Првата македонска православна црква во Хрватска, црквата Св. Злата Мегленска, вчера беше осветена во Загреб, а на церемонијата по повод осветувањето, премиерот Андреј Пленковиќ, во име на Владата, во знак на благодарност и искрено пријателство го прими највисокото признание на Македонската православна црква.

dobivaj vesti na viber

Највисокото признание на Македонската православна црква, Орденот Свети Климент Охридски, за гостопримството и братската поддршка и помош ѝ беше доделено на Хрватската епископска конференција (ХБК), а беше примен од пратеникот на претседателот на ХБК, генералниот секретар монс. Крунослав Новак.

Ss1

Наградите им ги врачи поглаварот на Македонската православна црква, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, а на свеченоста во Загреб присуствуваа митрополитот европски Пимен и тетовско-гостиварскиот г. Јосиф.

Делегацијата на македонската држава ја предводеше амбасадорот на Република Северна Македонија, Милаим Фетаи, кој ѝ се заблагодари на хрватската држава за помошта во изградбата на црквата.

Првата македонска православна црква во Хрватска е регистрирана во декември 1993. Во 1995 година Загрепската архиепископија ѝ ја дала на привремена употреба црквата Св. Рок во Загреб, а изградбата на црквата Св. Злата Мегленска, посветена на светителката и маченица, започна пред девет години.

Мермерниот олтар е дело на македонскиот скулптор Александар Наумоски и беше изработен во Македонија, а потоа со камиони пренесен и склопен во Хрватска.

На присутните им посака добредојде претседателот на парохискиот совет Невен Шукаровски, како и Кирко Велински, протојереј ставрофор на Охридската архиепископија на МПЦ, одговорен за пасторалното згрижување на верниците во Хрватска и, како што беше истакнато, „душата на целиот проект“ за изградба на црквата.

Во зборовите на благодарност, премиерот го изрази своето задоволство што беше присутен на „голема пригода, од вистински историски карактер за македонското малцинство во Хрватска“.

Хрватската влада финансиски ја поддржа изградбата на црквата со 935.000 евра, а премиерот Пленковиќ му се заблагодари на Градот Загреб „кој со години го поддржува македонското национално малцинство“.

 

Ss1

Можете да прочитате

Спасовски: Новогодишен пакет од 100 евра за пензионерите, пензионерска картичка со попусти

Стевановиќ: СДСМ нема да се откаже од европска иднина и од држава во која има функционално владеење на правото

Даштевски: Гласањето помина мирно – 24info.mk