
Македонија во моментов нема реален напредок кон Европската унија, а една од главните причини е неподготвеноста да се направат компромисите што се неопходни за продолжување на евроинтегративниот процес. Ова го оцени политичкиот аналитичар Сашо Ордановски во гостувањето во емисијата „Ноќно Студио“ на 4ТВ.
Ордановски истакна дека во македонското општество расте недовербата во институциите и политичките процеси, што, според него, создава атмосфера на апатија и го отежнува спроведувањето на какви било политики.
„Кога имате цинична јавност, дури и да имате добра политика, не можете да добиете доволна поддршка за да ја реализирате“, изјави Ордановски.
Тој оцени дека граѓаните сè почесто ги користат изборите како средство за казнување на политичките партии, наместо како можност да изберат програма и визија за иднината.
Како показател за таквото расположение, Ордановски го посочи и големиот број неважечки гласачки ливчиња на последните избори, оценувајќи дека тие претставуваат јасен сигнал за незадоволство и разочараност кај дел од избирачите.
Осврнувајќи се на евроинтеграциите, тој нагласи дека иако политичките партии често зборуваат за европските реформи, практичната реализација на тие заложби останува значително послаба.
„Ние сме болно општество на овој начин, повеќе за бајачки отколку за доктори“, рече Ордановски.
Според него, актуелната влада во овој момент не покажува подготвеност да ги направи компромисите што се неопходни за продолжување на европскиот пат на државата.


