Утрински Весник
Балкан

Опозициски пратеници и советници ја блокираа зградата на судот во Нови Сад

20241119111916 Big 730x400 62.webp.webp

Републички опозициски и покраински пратеници, заедно со опозициските градски советници, утринава пред осум часот почнаа да ја блокираат зградата во која се наоѓаат судот и обвинителството во Нови Сад, со цел да побараат ослободување на политичарите и активистите кои беа затворени за време и по протестот за паѓањето на настрешница во Нови Сад, јави дописникот на МИА од Белград.

Пред судот е полицијата во опрема за разбивање демонстрации, со штитови и шлемови, и има туркање меѓу насобраните и полицајците на влезот во зградата каде што се наоѓаат судот и обвинителството. Пред зградата се легитимираат луѓето и се пуштаат само вработените. На вработените кои бараат да им се дозволи да работат, пратениците им велат дека не сакаат, бидејќи не си ја вршат работата и не ги апсат одговорните.

Како што изјавија опозиционерите, тие во знак на протест ја блокирале зградата поради активистите, кои беа приведени по протестот во Нови Сад на 5 ноември. Станува збор за протест кој беше организиран поради падот на настрешницата на Железничката станица во тој град, во кој животот го загубија 15 лица, а двајца се тешко повредени.

Пратеничка во српското Собрание на Движењето на слободни граѓани (ПСГ) Ана Орег изјави дека идејата зад денешната акција во Нови Сад била во неа да бидат пратеници, покраински, републички и новосадските советници за да не се доведат граѓаните во дополнителна опасност.

-Но, очигледно тоа не и значи ништо на полицијата и дека не бегаат од тоа и понатаму да употребуваат сила, па не туркаат надвор. Оваа слика ни кажува дека Србија е гладна за правда. Бараме слобода за сите уапсени кои се незаконски уапсени, кои седат таму во затворот, кои ништо не знаат што се случува надвор, кои практично се држат настрана за да не дигаат некаква узбуна, кои се практично замолчани. Така што нашата работа како политичари е да се залагаме за нив и во име на сите граѓани да кажеме што мисли Србија, изјави Орег за N1.

Таа посочи и дека треба да биде апсолутно јасно дека припадниците на полицијата не смеат да удираат пратеници, апсолутно не треба да се приближуваат толку блиску и физички да ги допираат.

Инаку, во новосадскиот затвор по протестот на 5 ноември има девет лица.

Можете да прочитате

Уапсен поранешниот српски министер за градежништво поради трагедијата во Нови Сад

Снег вее во Србија – се очекуваат уште пообилни врнежи

Светска банка: Змејите од Западен Балкан мора да вложат милијарди за заштита од климатските промени