Утрински Весник
Македонија

Онколошките пациенти повторно предупредија: Недостигот на терапија не смее да стане правило

Img 1337.jpeg

Претставници на здружението ХЕМА-ОНКО, заедно со онколошки пациенти од групата „Пеперутки“, денеска симболично се собраа пред Министерството за здравство за повторно да укажат на проблемот со недостигот на онколошка терапија – прашање кое, како што велат, со години се повторува и не смее да биде секојдневие за пациентите.

Од здружението информираа дека, според добиените информации од ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, во меѓувреме започнала испораката на потребната терапија и актуелниот недостиг е надминат.

„Благодарни сме што пациентите повторно почнуваат да ја добиваат потребната терапија, но останува фактот дека вакви ситуации не смеат повторно да се случуваат и дека се потребни долгорочни системски решенија“, порачуваат од ХЕМА-ОНКО.

По обраќањето пред медиумите, претставниците на здружението оствариле и непланирана работна средба со заменик-министерот за здравство Јовица Андоновски, на која повторно биле отворени прашањата за проблемите со кои секојдневно се соочуваат онколошките пациенти.

На средбата било посочено дека, и покрај зголемените буџети, подобрените тендерски постапки и преземените мерки, пациентите и понатаму се соочуваат со недостаток на дел од онколошките терапии.

Од ХЕМА-ОНКО нагласуваат дека ова не е проблем на еден министер или на една влада, туку долгогодишен системски предизвик кој бара одржливи и долгорочни решенија.

Во разговорите биле претставени и конкретни предлози за подобрување на системот, меѓу кои воспоставување национални тематски хабови, подготовка на Национален план за контрола на ракот, унапредување на превентивните и скрининг програмите, измени во законската регулатива, поедноставување на административните процедури и поголемо вклучување на пациентските организации во креирањето на здравствените политики.

Од здружението велат дека со заменик-министерот постигнале согласност дека овие теми бараат натамошен дијалог и конкретни активности во интерес на пациентите.

Воедно, ХЕМА-ОНКО изрази благодарност за подготвеноста на заменик-министерот да ги сослуша нивните предлози, како и надеж дека соработката ќе продолжи и со министерот за здравство Сашо Клековски.

„Нашата порака останува иста – пациентите не бараат привилегии, туку навремена терапија, достоинствен третман и здравствен систем во кој никој нема да стравува дали утре ќе го добие лекот што му го спасува животот“, порачуваат од ХЕМА-ОНКО.

Можете да прочитате

Уапсен 19-годишникот кој удри пешак во Скопје и избега – „фиат пунтото“ одземено

Полицијата санкционира 222 моторџии за само шест часа, 14 приведени поради безобѕирно возење

СДСМ: По Мицкоски и неговиот „талог” за Илинден, денес продолжи ужасното навредување од страна на Стоилковиќ