Утрински Весник
Македонија

Одбиена претставката од Габер-Дамјановска против главниот и одговорен уредник на „Макфакс“, директорката ја повредила тајноста на комуникациите

Одбиена претставката од Габер-Дамјановска против главниот и одговорен уредник на „Макфакс“, директорката ја повредила тајноста на комуникациите

Советот на честа при Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) отфрли две претставки поднесени против новинската агенција „Макфакс“. Едната претставка е поднесена од директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска, против главниот и одговорен уредник на „Макфакс“, Кристијан Ландов, за необјавен текст. Директорката во претставката се жалела за односот на новинарот во комуникацијата при добивање информации што ги побарал од институцијата, а Советот на честа утврдил дека новинарот добил одредени информации, а кога побарал дополнителни, му било посочено да достави барање за пристап до информации од слободен карактер, што за него било неприфатливо. Текст со добиените информации не е објавен, па Советот на честа ѝ одговара на Габер-Дамјановска дека не е надлежен да постапува во предмети каде што нема објавен новинарски материјал, како и дека не е регулатор да му каже на кој било новинар што да објави и на кој начин.

dobivaj vesti na viber

Од тие причини претставката на директорката е отфрлена, но Советот на честа јавно реагира за повреда на тајноста на комуникациите направена со претставката.

„Советот на честа им укажува на Академијата за судии и јавни обвинители и на директорката Наташа Габер-Дамјановска дека сториле битна повреда на тајноста на комуникациите со тоа што до ЗНМ и до Советот на честа ја доставиле целата интернет-комуникација – барање за добивање информации, која мора да биде заштитена помеѓу двете страни за да не дојде до наштетување на сторијата на која работи новинарот во моментот, а со тоа да се влијае на новинарската независност и уредувачката политика. Со ова јавно укажување очекуваме Академијата за судии да престане со ваквата пракса, а во исто време целосно да се придржува на законските норми и да оцени дали бараната информација ќе ја даде усно (на брифинг, телефонски), на имејл или во друга електронска форма или ќе го примени Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Но, за начинот на добивање барателот треба да биде информиран од самиот почеток за да не дојде како во овој случај, по неколку информации добиени на имејл, Академијата да бара дополнителните информации да бидат според Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер“, стои во одлуката на Советот на честа.

Новинарите, како и сите баратели на информации, нагласуваат од Советот на честа, се еднакви пред законот и Академијата треба само доследно да го применува законот, а секое поинакво постапување би влегло во сферата на цензура, која е забранета.

Другата отфрлена претставка против новинската агенција „Макфакс“ е за објавено видео за малтретирање пациент во Психијатриската болница „Бардовци“ за кое подносителката смета дека е дополнителна повреда за пациентот и неговото семејство. Советот на честа утврди дека со ова видео, преземено од „Фејсбук“, објавено и во други медиуми, јавниот интерес преовладува над приватниот и нема прекршување на Кодексот на новинарите. Советот укажува дека ниту еден медиум, кој го објавил видеото, со објавите не одел кон рушење на интегритетот на пациентот, туку кон барање одговорност и преземање мерки за проблемот што се појавил благодарение на видеото.

Можете да прочитате

Во полиција задржани тројца кавадарчани, едниот бил агресивен и се заканувал кон полицајци, двајца спречувале преземање на службени дејства

Гужви на граничните премини „Богородица“ и „Табановце“

Граѓаните за новото задолжување на Владата: Касата празна, животот мизерен, мора да се задолжуваме за да живееме (ВИДЕО)