Утрински Весник
Македонија

Од невремето 117 оштетени возила и 189 паднати дрвја само во Скопје

09b9435e 1e91 476a a92d 54768cd3c771.jpeg

Силното невреме што попладнево зафати поголем дел од Македонија зад себе остави големи материјални штети, повредени лица и оштетувања на јавни и државни објекти. Полициските службеници, заедно со останатите надлежни институции, се на терен и работат на расчистување на последиците и обезбедување на безбедноста на граѓаните.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека постапуваат по сите пријави поврзани со невремето, при што се преземаат мерки за непречено одвивање на сообраќајот и нормално функционирање на јавните служби.


Најголеми штети се регистрирани на подрачјето на СВР Скопје. Заклучно со 22 часот, евидентирани се 117 оштетени патнички возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрвја, седум оштетени семафори, пет пожари и десет повредени лица.

Невремето не ги поштеди ниту државните институции. Оштетувања се пријавени на објектите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база во Петровец, зградата на „Нова Македонија“, како и на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство.

Последици од невремето има и во останатите делови од државата. Во Куманово се регистрирани девет оштетени возила и три оштетени кровни конструкции, додека во Тетово се пријавени пет настани – три оштетувања на возила и две оштетувања на покриви.

Во Гостивар засега нема пријавени материјални штети или повредени лица. Во Велес се евидентирани две оштетени возила од паднати дрвја, а во Струмица има паднати електрични столбови во селата Доброшинци и Градошорци, како и прекин во снабдувањето со електрична енергија во селото Свидовица.

Во Штип се пријавени 14 оштетени патнички возила и шест оштетени кровни конструкции.

Проблеми имаше и на Меѓународниот аеродром Скопје, каде поради протекување на покривната конструкција привремено беше прекинат излезот од државата во траење од околу час и половина.

Штети се регистрирани и во Транзитниот центар Табановце, каде се оштетени дел од привремените објекти за сместување на мигранти, а забележани се и паднати дрвја, но без поголема материјална штета.

Надлежните служби и понатаму се на терен, а институциите апелираат граѓаните да бидат внимателни и да ги следат официјалните информации за состојбата по невремето.

Можете да прочитате

ЦУК затрупан со повици – над 8.300 пријави за само четири часа по невремето

УХМР предупредува: Невреме со дожд и силен ветер се приближува кон Македонија

Срушен јарболот со македонското знаме во Скопје