Следната недела изведувачот ќе продолжи со реконструкцијата на Универзална сала, најави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Останува да се потпише договорот за банкарска гаранција и со тоа процесот ќе биде комплетиран. -Веќе следната недела изведувачот ќе почне да го расчистува објектот и да гради, затоа што ги имаме парите, ги обезбедивме и ги завршивме сите потребни процедури и крајно време е таму да започне работата. Но, ни на крај памет на мене како министерка, а верувам ниту на граѓаните не им беше дека за еден ваков проект, којшто навистина не треба да биде предмет на некакво препукување, најмалку на политичко, ќе треба да молиме за целосна документација, соопшти Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конференција во Владата. Костадиновска-Стојчевска се осврна и на процедурата што Министерството за култура ја поминало за да ја добие документацијата од Град Скопје и вели дека таа веќе е завршена. Според министерката, поминале еден интересен период во однос на примопредавањето на документацијата со Универзалната сала. Таа вели дека четири пати ургирале до градоначалничката Данела Арсовска, претседателот на Советот на Град Скопје и до градските служби, откако претходно виделе дека нема никаков одговор.