
Најмалку 62 лица загинаа во поплавите во индиската држава Утар Прадеш, објавија денес официјални лица.

Властите соопштија дека 46 лица се повредени, а повеќе од 1.000 домови се оштетени откако тридневните обилни дождови предизвикаа поплави во неколку области.
Училиштата денес беа затворени во делови од Утар Прадеш, вклучувајќи го и главниот град Лакнау, додека спасувачките екипи ги преместуваа луѓето од поплавените подрачја на побезбедни локации.
На жителите на погодените подрачја им се препорачува да избегнуваат непотребно движење низ поплавените подрачја и да се држат подалеку од реки, потоци и канали.
Врнежите од дожд денес би требало да ослабат во тој дел од Индија поради смирувањето на метеоролошката ситуација над Бенгалскиот Залив, објавија метеоролозите од регионалниот центар во Лакнау.

Поплавите ја погодија и источната држава Одиша, каде што повеќе од 75.000 луѓе беа евакуирани во побезбедни подрачја, соопштија официјални лица.

