Утрински Весник
Свет

Објавени детали од сослушувањето на мајката на Коста – што правел во деновите пред злосторството и какви односи имал со другите

Објавени детали од сослушувањето на мајката на Коста – што правел во деновите пред злосторството и какви односи имал со другите

Мајката на момчето кое уби деветмина негови врсници и чуварот на Основното училиште „Владислав Рибникар“ во Србија во средата беше сослушана во полиција и во таа прилика детално ја раскажала својата верзија за приказната за детството на нејзиниот син, неговото здравје, односот со врсниците, семејните односи.

dobivaj vesti na viber

Ги опишала и неговите денови пред масовното убиство, на 3 мај, но и како изгледало утрото кога момче со пиштолите на татко му и молотовите коктели влегло во „Владислав Рибникар“ да сее смрт.

Мајката на момчето беше сослушана откако Првото основно јавно обвинителство во Белград по службена должност нареди да се утврди дали го запуштила или малтретирала нејзиниот син пред тој да го изврши масакрот во училиштето.

Како што дознава „Блиц“, мајката на момчето низ солзи рекла дека ништо не и укажувало на тоа дека нејзиниот син може да стане масовен убиец. Сега останува на обвинителството да открие колкава вистина има во нејзините зборови во продолжението на истрагата.

Деновите пред злосторството

Изворот на „Блиц“ вели дека мајката на момчето убиец раскажала како нејзиниот син бил надвор од градот со другар и неговата мајка пред злосторството. Таму заедно го поминале 1 мај, по што се вратиле во Белград. Таа тврди дека не забележала промени во неговото однесување.

Ден подоцна, на 2 мај, момчето и неговата сестра не отишле на училиште и отишле кај бабата и дедото, а вечерта се вратиле и заедно гледале филм.

„Мајката се сеќава дека момчето во еден момент отишло во продавница да купи намирници, но дека и тој ден не видела ништо чудно во неговото однесување. Наводно, со родителите разговарал за филмот што го гледале заедно и за други теми што го интересираат“, вели изворот на „Блиц“.

На кобниот ден: „Беше успорен“

Како што дознава „Блиц“, мајката рекла дека на кобниот 3 мај станала прва да им направи појадок на момчето и неговата сестра. Нејзиниот сопруг отишол на работа, по што таа ги разбудила децата. Тврди дека и тогаш не забележала ништо чудно во однесувањето на нејзиниот син, освен што бил успорен за време на појадокот и при подготвувањето.

„Момчето наводно и рекло на мајка си да не се грижи, бидејќи учителката може да доцни. Мајката тврди дека потоа отишла да ја однесе ќерка си на училиште, а момчето останало дома и самото се спремило“, вели изворот на „Блиц“ запознаен со случајот.

Еден час подоцна мајката слушнала за пукањето во училиштето. Таа во полиција изјавила дека мислела оти нејзиниот син е ранет во пукотницата и веднаш отишла во училиштето каде ја дознала вистината.

„Мајката вели дека била вознемирена, дека сè уште и е тешко да поверува дека нејзиниот син го направил ова и инсистира дека ништо не укажувало дека вакво нешто можело да се случи. Таа истакна дека и самата плаче за објаснување и одговори“, вели изворот на „Блиц“.

Неговото растење

Изворот на „Блиц“ открива дека мајката на момчето убиец го опишала својот син како момче со широки интереси, кое не е импулсивно, но не енергично, љубопитно и кое знаело да ги покаже емоциите кон неа и кон баба му преку прегратка.

Мајката вели дека последниве години не го покажувал своето незадоволство преку плачење, за разлика од порано кога бил помлад и плачел кога нешто не му се допаѓало.

„Тврди дека момчето со неа било поблиско отколку со неговиот татко, а за момчето и неговата сестра се грижела дадилка од раѓање која никогаш не се пожалила на него“, вели соговорникот на „Блиц“.

Промени во пубертетот, компјутери и апликации

Мајката на убиецот изјавила дека забележала оти нејзиниот син поинаку се однесувал за време на пубертетот.

Изворот на „Блиц“ понатаму наведува дека мајката забележала одредени промени кај момчето за време на пубертетот, но не ги опишала како драматични настани.

Мајката во полиција кажала дека на почетокот на оваа учебна година момчето почнало да се изолира во својата соба, дека не ја заклучувало вратата, туку барало од помалата сестра со која делеле соба да си оди. Тој, исто така, почнал да се заклучува во бањата, а двапати неделно, според зборовите на неговата мајка, тој се расправал со неа кога се враќала од од работа и го затекнувала дека не ги завршил училишните обврски и оти неговата соба е хаос, а гледал филм или седел на телефон.

„Мајката рече дека го казнила момчето со тоа што му забранила да ги користи телефонот и компјутерот. Таа исто така посочи дека никогаш не го претепала момчето, освен, можеби, еднаш кога бил помлад. Таа истакна дека момчето долго време не го вклучило компјутерот на кој играл игри со другарите за време на корона. Во исто време, тој еднаш се пожалил на мајка си дека поради расправија бил исфрлен од групата во која играле заедно. Мајката додала дека момчето користело Инстаграм, Снепчет, Јутјуб и Тик-Ток на мобилниот телефон и дека претходно му го проверила телефонот“, вели извор на „Блиц“ запознаен со случајот.

Во текот на второто полугодие, мајката забележала дека момчето добива пониски оценки на училиште и дека е помалку заинтересиран од порано, на што и рекол дека „се е под контрола“.

„Мајката и нагласила на полицијата дека никој од училиштето, наставниот кадар, родителите или децата од одделението на момчето не ѝ го привлекле вниманието на тоа дека тој се однесува невообичаено, освен дека има конкретни интереси во однос на другите деца. Таа додаде дека нејзината помала ќерка не забележала ништо чудно во неговото однесување, иако делеле соба“, вели соговорникот на „Блиц“.

Промена на одделението

Изворот на „Блиц“ понатаму наведува дека мајката на момчето кажала дека во шесто одделение, во мај 2022 година, нејзиниот син се пожалил дека некои негови другари не го поканиле на роденден. Како што рекла, на неговото лице можело да се види дека тој е виновен, па тогаш го контактирала неговиот одделенски наставник за да види во што е проблемот.

„Мајката тврди дека тогашниот класен раководител и кажал дека мисли оти другите деца се љубоморни на момчето, бидејќи тој е поуспешен ученик и се истакнува на часовите. Таа рече дека нејзиниот син се пожалил дека пријателите го задеваат, бидејќи многу чита и не знае добро да игра фудбал. Во тој период момчето барало да го смени класот кога ќе почне во седмо одделение, бидејќи околината не му одговарала. Тоа го направиле, како што рече, а мајката тврди дека момчето во текот на летото почнало интензивно да се дружи со други деца“, вели изворот на „Блиц“.

Мајката понатаму раскажува дека момчето се спријателило по започнувањето во новото одделение, дека и’ рекол дека е позадоволен од порано и дури напишал есеј за сопствената храброст да ја промени средината.

Мајката тврди и дека по јазичниот камп во Франција, момчето многу се дружело со девојчињата, а класниот раководител после тоа и’ пратил порака: „Честитки, децата ви се прекрасни!“

Мајката раскажа зошто таткото го водел на стрелање

Мајката во сведочењето раскажала и како нејзиниот сопруг, таткото на момчето, чувствувал дека треба да го запознае синот со опасностите од оружјето, бидејќи имал негативно искуство во младоста.

„Мајката тврди дека не се согласувала момчето да оди на стрелиште, но не се сомневала во расудувањето на нејзиниот сопруг, како татко, и во неговите добри намери. Таа додала дека нејзиниот сопруг сакал да му укаже на опасноста од оружјето на неговиот син, а во исто време да му покаже како функционира, од причина што оружјето „не би било егзотично и предизвикувачко“ за момчето. Таа рече дека момчето двапати отишло на стрелиште со татко му и пукало, а слушнала дека на стрелиштето има и други деца“, вели соговорникот на „Блиц“.

Сочувство до семејствата

Мајката на момчето на полицијата и на почетокот и на крајот на сведочењето рекла дека е уништена од болката на сите деца кои настрадале и училишниот чувар – за кого дури рекла дека момчето му ги подарило сликичките што ги собрало – и дека таа верува оти и нејзиниот сопруг го чувствува истото.

„Мајката изразила сочувство на семејствата и уверила дека досега немала можност и дека не ни знаела како да го направи тоа“, вели изворот на „Блиц“.

Дел од српските медиуми, повикувајќи се на сведочењето на мајката, вчера пишуваа дека Коста пред злосторството се предомислувал.

Можете да прочитате

Ќе расте цената на лукот

Киев ги зајакна безбедносните мерки по нападите со руски балистички проектили

Во Јапонија минатата година регистрирани рекордни 122.806 случаи на злоставување деца