Утрински Весник
Свет

Нов топлотен бран во Европа: Над 340 милиони луѓе под влијание на температури над 30 степени

Toploten bran preporaki07.07.2015 625x417 1.jpg

Нов топлотен бран го зафати европскиот континент, при што максимални температури над 30 степени Целзиусови денеска ќе почувствуваа речиси три од пет жители на Европа (без Турција), односно околу 340 милиони луѓе.

Истовремено, области во Европа во кои живеат вкупно повеќе од 135 милиони луѓе – главно во Франција, Италија, Шпанија и Велика Британија – денеска во одредени периоди од денот ќе бидат погодени од температури над 35 степени Целзиусови. Тоа претставува значително зголемување во споредба со вчерашниот ден, кога прогнозите покажуваа дека температури над 35 степени ќе погодат најмалку 92 милиони луѓе.

Француски медиуми анализата ја изработија врз основа на прогнозите на Германската метеоролошка служба и демографските проекции за 2025 година на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија, а ги потврдува и податоците на австриската невладина организација „Климадашборд“. Европа и понатаму останува континентот со најбрзо зголемување на температурите во светот.

И денеска најголемите горештини се очекуваат во западниот и во јужниот дел на континентот:

Франција: Температури над 35 степени се прогнозираат во области со околу 50 милиони жители. Планинските предели веројатно ќе бидат помалку погодени, но горештините ќе ги зафатат и североисточните делови на земјата, кои вчера беа поштедени.

Италија: Слични температури се очекуваат за околу 29 милиони луѓе, особено долж западниот брег, во долината на реката По, во јужните делови на земјата и на островите.

Шпанија: Топлотниот бран ќе зафати големи делови од Пиринејскиот Полуостров, при што околу 25 милиони луѓе ќе бидат изложени на температури над 35 степени.

Велика Британија: Се очекува живата во термометрите да го надмине прагот од 35 степени за околу 23 милиони жители, главно во густо населените централни делови на Англија, вклучително и во Лондон. Британската национална метеоролошка служба во вторникот соопшти дека земјата е на пат да го забележи најтоплото лето во историјата.

Можете да прочитате

Ќерката на Бил Гејтс обвинета за контроверзна практика што на компанијата ѝ носела приходи

Воената помош за Украина во јуни достигна 7,2 милијарди евра

Медицинските податоци на речиси 19 милиони Полјаци украдени во масовен кибер-напад