Нивото на водата во реката Урал во рускиот град Оренбург во текот на ноќта порасна за речиси 50 сантиметри, изјави првиот заменик градоначалник Алексеј Кудинов. Во меѓувреме, регионалниот гувернер Денис Паслер ги повика жителите на градот да се евакуираат од поплавените подрачја. „Ноќта беше немирна,…нивото на Урал се зголемува и сега преку ноќ порасна за речиси 50 сантиметри“, изјави Кудинов за новинарите, пренесува РИА Новости.
Според него, хидролозите предвидуваат дека во следните 24 часа нивото на водата ќе се зголеми за уште 30-70 сантиметри. Во градот во текот на ноќта беа поплавени над 300 домаќинства, а загрозени се над 200 приватни куќи. Кабинетот на градоначалникот на Оренбург во вторникот вечерта објави дека до 22 часот по локално време, нивото на реката Урал се искачило еден сантиметар над нивото на опасност и изнесува 931 сантиметар.
Регионите на јужниот дел на Урал годинава се соочија со рекордни поплави, а најлоша е состојбата во регионот Оренбург. Во петокот, на 5 април, таму пукна браната што го штитеше Орск од реката Урал. Властите извршија масовна евакуација на жителите од Стариот град. Поплавени се 6.995 станбени згради со градини, а од поплавените куќи се евакуирани 2.493 лица, меѓу кои 797 деца.
Регионалната влада ја проценува штетата од поплавите на 21 милијарда рубљи. Вонредна состојба е на сила и во руските региони Курган и Тјумен. Нивото на водата во реката Тобол, според прогнозите на Росхидромет, ќе надмине 11 метри. Во некои општини почна превентивна евакуација на населението.
Властите на соседен Казахстан соопштија дека сегашните поплави се најлоши во последните 80 и повеќе години, а во некои региони на земјата е прогласена вонредна состојба.