Утрински Весник
Македонија

Ниту еден сведок не се појави на рочиштето за пожарот во „Пулс“

Whatsapp image 2025 11 19 at 10.09.14.jpeg

Со барања за психијатриски вештачења, читање на искази и проверки на достапноста на сведоци, помина денешното рочиште за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на кое не присуствуваше ниту еден од предложените сведоци на Јавното обвинителство.

Судот ги прифати предлозите на Обвинителството, вклучително и читањето на исказот на Денис Даутовски, кој не е достапен на органите на прогон. Неговиот исказ, даден во Обвинителството во Кочани, беше прочитан во судницата.


За сведоците Ана Томева и Лина Крстова, Обвинителството најави ангажирање на вешто лице од областа на психијатријата, со цел да се утврди нивната здравствена состојба и можноста за нивно сведочење. По изготвувањето на наодот, Судот ќе одлучи дали се исполнети условите за примена на член 388 став 5 од Законот за кривична постапка, кој овозможува исклучоци во изведувањето на доказите.

Одбраната побара овие сведоци да бидат повлечени, аргументирајќи дека евентуалното утврдување на душевно заболување би ја довело во прашање веродостојноста на нивните претходни искази. Сепак, Судот одлучи да се спроведат вештачења.

Во однос на сведоците Александра Пепеларовска и Теа Ѓорѓиевска, со кои Обвинителството не успеало да воспостави контакт, Судот прифати да бидат испратени покани за следното рочиште.

Дополнително, за сведокот Дарио Трифунов беше соопштено дека се наоѓа во Бугарија, каде студира на непозната адреса. Обвинителството побара од Судот да издаде наредба за проверка на неговата достапност.

Судот одлучи поканите за овие сведоци да бидат доставени за главната расправа закажана за 22 април 2026 година.

Во прочитаниот исказ на Денис Даутовски беа изнесени детали за поставувањето на опремата во дискотеката, вклучително и користењето на пиротехнички прскалки, нивното активирање и информираноста на сопствениците на објектот.

Судењето се однесува на трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Во несреќата животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени. Судскиот процес се одвива во судницата во затворот „Идризово“.

Можете да прочитате

Мајка на ученик нападнала наставничка на родителска во училиште во Аеродром

69годишен скопјанец вознемирувал малолетничка – 24info.mk

Прегазен пешак кај зградата на Нова Македонија