Утрински Весник
Македонија

Нинова за изјавата на Мицкоски: Барањето нови отстапки е неприфатливо, С Македонија презема обврски и мора да ги исполни кој и да е на власт

Img 7943.jpeg

Според лидерката на Бугарската социјалистичка партија, очекувањето на земјава за членство во ЕУ може да се случи само со впишување на Бугарите во Уставот, почитување на нивните права и категорично отфрлање на агресивната, антибугарска пропаганда која, како што вели, е досега поддржана на највисоко државно ниво
Северна Македонија има преземено обврски кои мора да ги исполни без разлика која влада е на власт, порача претседателката на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова, во врска со постизборната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека ако Бугарија не е подготвена да отстапи од своите позиции, тогаш ќе чекаат нова гарнитура во Софија со која ќе може да се разговара.

„Бугарија предолго покажа трпение и добра волја. Барањето нови отстапки е неприфатливо. Антибугарската реторика и јазикот на омразата се апсолутно неприфатливи. Нема да дозволиме понижување на бугарското достоинство и оштетување на националниот интерес на Бугарија“,порача лидерката на БСП, Корнелија Нинова, пренесе бугарски „Офф Њуз“.

Според Нинова, очекувањето на земјава за полноправно членство во Европската Унија може да се случи само со впишување на Бугарите во Уставот и бескомпромисно почитување на нивните права и категорично отфрлање на агресивната, антибугарска пропаганда која, како што вели, е досега поддржана на највисоко државно ниво.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, синоќа во интервју за Канал 5 кажа оти партискиот став по однос на прашањето за уставните измени е јасен, но ако Бугарија не е подготвена да отстапи од своите позиции, тогаш, како што посочи, би се свртеле кон исполнување на домашната агенда и ќе чека нова гарнитура во Софија.

Прашан за коментар на изјавата на бугарскиот в.д. премиер Димитар Главчев дека Бугарија повеќе нема да прави отстапки за Македонија, Мицкоски рече дека во тој случај би се свртеле кон решавање на домашните проблеми, како и дека ќе чекаат да дојде некој разумен од бугарска страна со кој ќе може да разговараат. Според него, на бугарскиот премиер треба да му се постави прашањето што е тоа од што треба Бугарија да отстапи.

Претходно, претседателот на Бугарија, Румен Радев, во својата првична реакција на исходот од претседателските и парламентарните избори во Македонија, не упати честитки до победниците Гордана Силјановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ, но нагласи дека многу брзо ќе станело јасно дали новиот претседател и партијата ќе работеле за европската перспектива на земјата или ќе заземеле друг правец.

Можете да прочитате

Мојсоска: Прв закон што ќе го поднесеме е Законот за една изборна единица

ВМРО-ДПМНЕ: Се уште нема конечен договор со ЗНАМ, разговорите се одвиваат во позитивен дух

МЕТЕО НАЈАВА И ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: И во следниот период многу нестабилно со чести врнежи и грмежи – Локално повторно ќе има појава на невреме