Николас Кејџ за своите милионски долгови го обвини пазарот на недвижности.
59-годишниот актер се најде на насловните страници на повеќе медиуми откога го потроши своето богатство од 150 милиони долари и згора на сè, на Управата за јавни приходи (IRS) ѝ должел 6,3 милиони долари данок на имот поради што бил принуден да ја прифаќа секоја актерска улога за да се извлече од долгови.
Тој сега нагласи дека никогаш не поднел барање за банкрот поради неговите финансиски проблеми.
Во емисијата „60 минути“ на Си-би-ес, Кејџ рече: „Премногу инвестирав во недвижен имот… пазарот на недвижности доживеа крах и не можев да се спасам навреме“.
„Го вратив целиот долг, тоа беа 6,3 милиони долари. Никогаш не поднесов барање за банкрот“.
Новинарката Шарин Алфонси коментира: „Тоа сигурно било мрачен период за вас“.
„Секако, беше прилично тешко“, рече Кејџ, татко на три деца.
„Работата отсекогаш била мојот ангел чувар. Можеби не е син чип, но сепак е работа“.